Вашингтон, 14 април 2022 (МИА) – САД се подготвени да ја разгледаат можноста за укинување на голем број антируски санкции доколку Москва и Киев постигнат договор. Ова го соопшти Џејк Саливан, помошник на претседателот на САД за национална безбедност, за време на конференција организирана од Економскиот клуб во Вашингтон.
Тој беше прашан дали санкциите против Русија ќе бидат укинати доколку руско-украинските преговори резултираат со договор.
„Ова не е однапред одредено прашање. Многу зависи од формата и опсегот на овој потенцијален дипломатски договор. А многу зависи од тоа што Украина ќе договори во консултација со нас и Европа. Ние немаме намера да ја прескокнеме Украина и да склучиме договор за укинување на голем број санкции наметнати на Русија. Но, ако некоја мерка за олеснување на санкциите биде вклучена во веродостојно дипломатско решение предводено од Украина, тоа ќе биде нешто за што со задоволство ќе разговараме“, рече Саливан.