Декември е на прагот, а јас сѐ уште не сум добил понуда да останам во Ливерпул, разочарано изјави 32-годишниот египетски фудбалер Мохамед Салах, кој е и најдобар играч на тимот.
Во тековната сезона Салах одигра 18 натпревари за Ливерпул, постигна 12 гола и десет пати асистираше. Најмногу благодарение на него, Ливерпул во моментов е убедливо прв во англиската Премиер лига и има осум бода повеќе од вториот Манчестер Сити, актуелниот англиски шампион.
„Во Ливерпул сум долги години и не постои таков клуб во светот. Но, јас сум разочаран поради односот кон мене и во овој момент сум поблиску до заминување отколку да останам на Енфилд“, изјави Салах, кој има важечки договор со Ливерпул до крајот на актуелната сезона.
„Фокусиран сум на сезоната. Сакам да освојам сѐ што е можно со Ливерпул, од Премиер лигата до Лигата на шампионите. Јас сум професионалец. Секогаш ќе давам сѐ од себе. Го сакам клубот, ги сакам овие навивачи, како што тие ме сакаат мене. Сепак, ниту тие, ниту јас одлучуваме дали ќе останам или не“, додаде Салах, кој дојде во Ливерпул во 2017 година и оттогаш има постигнато вкупно 223 гола со 99 асистенции за овој клуб.