Саем за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во Скопје Сити Мол

Македонската соларна асоцијација третпат го организира Саемот за соларна опрема, кој годинава ќе се одржи од 31 мај до 2 јуни во Скопје Сити Мол. На саемот ќе учествуваат над дваесетина реномирани компании од Регионот и Европа. Посетителите ќе имаат можност да ги погледнат најновите трендови и технологии од секторот за соларна енергија, распоредени на 29 локации на приземјето и првиот кат на трговскиот центар. Скопје Сити Мол повторно се јавува како домаќин на овој саем, потврдувајќи ја својата проактивна улога во општеството, поддржувајќи ваков саем што промовира користење на обновливи извори на енергија.

Во текот на трите саемски денови, посетителите ќе можат да посетат штандови на производители и трговци на соларна опрема како што се: фотоволтаични панели, батерии за складирање на електрична енергија, топлински пумпи, фото/термални колектори за производство на електрична енергија и топла вода, трафостаници, громобранска заштита, инвертери, роботи и машини за чистење на соларни колектори, соларни сушарници, воздушни колектори, електрични велосипеди, електрични полначи, соларни бојлери и многу други сегменти и производи кои користат обновлив извор на енергија.

 

Преку платформата www.solar.org.mk/b2b посетителите ќе можат да остваруваат и да закажуваат состаноци со самите изложувачи, како и да следат дискусии за користење на обновливи извори на енергија, но и да слушнат препораки од граѓанските организации кои работат во овие сектори.  Дополнително, преку скенирање на QR код ќе можат да ги увидат техно-економските анализи за исплатливост на фотонапонски, термални и фото/термални системи за домаќинствата како и препораките за сертификатите што се важни при избор на ваква опрема.

„Соларната асоцијација секогаш настојува да промовира европски вредности, регулативи и стандарди каде што нема разлика дали соларната опрема е произведена во Германија, Македонија, Австрија или во која било друга земја во Европа, сè додека задоволува одредени критериуми за квалитет. Во нашата земја многу често се зборува за енергетска ефикасност, примена на обновливи извори на енергија, но многу ретко за тоа што сè е важно при изборот на опрема. Само ако се инвестира во опрема која е сертифицирана може на долгорочен план да ги намалиме климатските промени, а располагаме и со системи кои имаат соодветни гарантни услуги и постигнуваат максимална ефикасност. Асоцијацијата преку многуте стратешки партнерства со европски асоцијации, како што е Solar Heat Europe, настојува секогаш да се воведат критериуми како и барања за технички карактеристики при секакво државно субвенционирање на соларна опрема“ – велат професор Илија Насов и машинскиот инженер Стефан Трајков од асоцијацијата „Солар Македонија“.

Македонската соларна асоцијација „Солар Македонија“ е здружение со повеќе од 100 членки и претставува стручно, научно, образовно и невладино здружение, чија мисија е зајакнување на соработката меѓу македонските компании во секторот за сончева енергија (производители, изведувачи, увозници, трговци), како и поврзување на експерти и научници oд сите научни гранки за промоција и поголема искористеност на обновливите извори на енергија. Здружението работи на повеќе нивоа во синџирот на добавување – од производство до сервис и одржување на сончевите енергетски системи, како и на промоција на сончевата енергија како одржливо решение за енергетските потреби. Дополнително е верифициран тренинг-центар кој издава валидни лиценци за монтажери што се признаени од Министерството за образование и Центарот за образование на возрасни.

Саемот на соларна опрема е во организација на Македонската соларна асоцијација „Солар Македонија“, а поддржан во рамките на проектот на УСАИД „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, имплементиран од Консалтинг за стратешки развој.

Ве очекуваме во Скопје Сити Мол!

Извор