Субвенцијата која може да се добие од државата за проектот Купи куќа – купи стан може да достигне до речиси 21 илјада евра. Рокот за аплицирање е до крајот на годинава, се планира да продолжи и догодина, банките кои се дел од овој проект и градежните компании кои нудат објекти се дел од саемот на проектот Купи куќа купи стан кој викендов е сместен во трговскиот центар „Сити мол“.
„Во буџетот за следната година бидејќи проектот продолжува, се предвидени два милиони евра и јас би рекла дека проектот е успешен и не може да се споредува само вкупниот број на продадени станови бидејќи се работи за оние на кои им е најпотребно“, рече Нина Ангеловска, министерка за финансии.
Целта на проектот е не само младите, туку и повозрасните граѓани да го остварат својот животен сон и на еден полесен начин да дојдат до сопствен дом, вели за Алсат Нина Неданоска од Охридска Банка. Од почетокот на овој проект Охридска Банка исплатила 220 кредити во вкупна вредност од осум милиони евра.
„Се надеваме дека придонесовме за среќата на граѓаните и остануваме соработник во овој проект. Податоците со новите изменети услови за 2019 година се дека имаме исплатено 15 кредити, а во обработка се уште толку за до крајот на годината“, вели Нина Неданоска, претседател на Управен одбор на Охридска банка.