САД: Путин се води од империјализмот, но и покрај сè Украина ќе остане суверена и независна земја

Вашингтон, 24 август 2022 (МИА) – На шест месеци од почетокот на руската инвазија на Украина, дата што се поклопува со 24 август кога Киев слави независност од СССР, поранешен идеолошки соперник на САД, американскиот Стејт департмент ja анализира воената стратегија на Кремљ и ги подвлекува главните причини за оваа војна, јави известувачот на МИА од САД.

Кризата донесе енергетски, економски и политички потреси не само во регионот туку и во светот.

Според САД, скриптата со која се раководи рускиот претседател Владимир Путин е „возврат на империјализмот и користењето на мапите како оружје‘.

– Претседателот Путин редовно негира дека Украина е вистинска нација. Во 2008 година тој на претседателот (Џорџ) Буш му кажа дека Украина не е земја, во 2021 година тој јавно соопшти дека Русите и Украинците се еден народ и објави дека вистинскиот суверенитет на Украина е можен само во партнерство со Русија, се вели во денешното соопштение од Стејт департментот.

САД потсетуваат на тврдењата на Путин дека Украина е „целосно создадена од Русија“, на „историски територии“ на Русија и обвинувањето до првиот советски лидер Владимир Ленин „за создавање на Украина на Ленин“, кој тоа го нарече „полошо од грешка“.

– По неколку денови тој започна сеопшта војна а со цел да ја преиначи мапата а во согласност со неговото изобличено гледање на историјата. Во текот на изминатите шест месеци руската дезинформација и пропагандна машина ги користат лажните тврдења на Путин како шема за водење кампања со цел негација правото на Украина да биде независна па дури и да постои.

Од надворешнополитичкиот орган на САД укажуваат дека пропагандата на Кремљ е „натопена со империјализам а во обидот да се маскира желбата на Русија за повторна колонизација на Украина“.

Се укажува на изложените мапи на социјалната мрежа Телеграм од страна на Димитриј Медведев, поранешен премиер и претседател на Русија а сега член на националниот Совет за безбедност.

– На 27 јули Медведев сподели пост повикувајќи се на визии за руското империјално минато, во кој се прикажани мапи на Украина пред и после, и во кои земјата е редуцирана на област околу Киев со текст под сликата: ’Во настраданиот од психотропни супстанции мозок на претседателот Зеленски, сликата за светлата иднина на неговата земја би изгледала вака, но западните аналитичари сметат дека всушност ќе биде вака‘.

Прочитајте и:  Туск го пофали Шолц за тоа што му го кажал на Путин

САД укажуваат дека „Медведев цитира наводни западни аналитичари со цел да ја пропагира колонијалната фантазија на Русија за поделба на украинската територија меѓу Русија, Полска, Романија и Унгарија. Во својот говор во февруари 2022 година Путин ја става под знак прашање државноста на Украина и оттогаш активно повикува на проширувања на таканаречената ’специјална воена операција‘ за реализација на својата империјална мапа.

Помошниците на Кремљ како Денис Пушилин, самонаречениот шеф на таканаречената Доњецка народна република, повика „специјалната воена операција да се прошири до Киев, Чернив, Полтава, Одеса, Дњепар за тие да бидат ослободени од нацизмот“.

САД напоменуваат на тоа дека „во текот на повеќе столетија Украина постои како посебна културна и национална заедница“.

– Обидите на Путин да ја асимилира во руската култура со употреба на сила се посебно чудовишни ако се има предвид историскиот прогон на Украинците во СССР. За време на Сталин како резултат на големиот глад и недостиг на храна умреле повеќе од три милиони Украинци.

Понатаму, во соопштението се наведува дека режимот и пропагандата во Москва употребуваат изрази за дехуманизација на Украинците („нелуѓе“) со разни оспорувања и закани. Дека анексијата на Крим е извршена со помош на марионетки, и дека режимот употребува лажни тврдења дека Украинците се приврзани кон Русија.

И покрај сè, Украина ќе остане суверена и независна земја, велат од САД.

– Пред 30 години украинскиот народ прогласи независност на својата суверена држава. Од 2014 година, и посебно во изминатите шест месеци, целиот свет е сведок на тоа како претседателот Путин го подрива суверенитетот на Украина со помош на воена сила и лажни тврдења. И покрај сето причинето страдање во Украина, Путин не може да ја оствари таа цел, велат од Стејт департментот и додаваат дека Украинците покажале неверојатна храброст и сила во текот на војната.

– Како што истакни и државниот секретар Блинкен: Украина не е и не може да биде освоена.  Таа ќе остане суверена и независна. САД, нашите сојузници и партнери ќе продолжат да поддржуваат и помагаат со давање имено на тоа што им е потребно за заштита на својата слобода.

- Реклама -