САД не сметаат дека е неопходно Русија да ја прогласат за „терористичка држава“ во овој момент. Напротив, Вашингтон смета дека таквата одлука би можела да биде дури и контрапродуктивна, бидејќи би ризикувала да се спречи испораката на хуманитарна помош за Украина и извозот на жито од таа земја, оцени денеска во Букурешт американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит.
„Вашингтон верува дека тоа не е неопходно во овој момент. Всушност (таквата одлука) може да биде контрапродуктивна бидејќи може да го одложи или попречи испраќањето хуманитарна помош во Украина или да извезуваме жито од Украина“, рече Смит на онлајн новинарскиот брифинг пред средбата на министрите за надворешни работи од земјите-членки на НАТО, реафирмирајќи го ставот кој претходно го изнесоа американскиот претседател Џо Бајден и други претставници на американската администрација.
„Затоа фокусот на САД, во тесна соработка со многу партнери и сојузници во светот, е да ги користат санкциите и да идентификуваат начини за дополнување на санкциите со цел да го зголемат притисокот врз (рускиот претседател Владимир) Путин и неговиот режим, но исто така да се најдат средства за вршење притисок врз економијата. Всушност, за да се спречи руската војска (…) да гради нови капацитети во сегашниот контекст (…) Значи, не гледам никакво движење, секако не во САД, кон прогласување на Русија за ‘терористичка држава’ “, објасни американската амбасадорка во НАТО, одговарајќи на прашање за можноста Алијансата да разговара за таква одлука.
Изјавата на Смит доаѓа една недела откако Генералното собрание на НАТО, со резолуција која не е обрзувачка но се смета за препорака во понатамошното дејствување, ги повика земјите членки да ја прогласат Русија за „терористичка држава“. Ден подоцна, тоа го стори и Европскиот парламент.
Извор: МИА