САД одбиваат Полска да им ги даде МиГ-овите за тие да ги дадат на Украина

Пентагон го отфрли предлогот на Полска да ги префрли нејзините борбени авиони МиГ-29 во американската воздушна база Рамштајн во Германија „веднаш и бесплатно“ и да ги стави „на располагање на САД“, за да можат тие да ѝ ги дадат на Украина. Според Пентагон, предлогот „не држи вода“.

„Идејата борбени авиони кои се ‘на располагање на Владата на САД’ да полетуваат од американска/НАТО база во Германија за да летаат во воздушен простор што е оспорен од Русија над Украина, покренува сериозни загрижености за целата НАТО алијанса“, порача на Твитер портпаролот на Пентагон – Џон Кирби, додавајќи дека самиот предлог на Полска покажува дел од сложеностите на ова прашање.

Кирби истакна дека САД се во контакт со полската влада по прашањето на полскиот предлог и ќе продолжат да се консултираат со сојузниците и другите партнери околу обезбедувањето безбедносна помош за Украина, но притоа потенцираше дека одлуката за трансфер на полски авиони во Украина е одлука единствено на полската влада.

Прочитајте и:  Кулеба: Војната во Украина нема брзо да заврши

„Едноставно не ни е јасно дали има доволно рационална причина за такво нешто. Ќе продолжиме да се консултираме со Полска и другите наши НАТО сојузници по ова прашање и тешките логистички предизвици што ги отвора, но не сметаме дека полскиот предлог држи вода“, заклучи Кирби.

Полското Министерство за надворешни работи ваквата понуда ја соопшти по извршените консултации меѓу претседателот и владата на Полска, а за возврат од САД побара и половни американски авиони „со слични оперативни способности“ како МиГ-овите. Освен тоа, МНР-то ги повика и другите НАТО сојузници кои имаат МиГ-29 авиони, да постапат исто како Полска, согласно предлогот.

- Реклама -