САД не веруваат дека постои закана Русија да употреби нуклеарно оружје, и покрај неодамнешното заострување на реториката на Москва, изјави денеска неименуван висок претставник на американската одбрана.
„Продолжуваме да ги следиме нивните нуклеарни капацитети секој ден и нашите проценки се дека нема закана од употреба на нуклеарно оружје или закана за територијата на НАТО“, додаде функционерот во изјава за американски медиуми.
Рускиот министер за надворешни работи – Сергеј Лавров, во понеделникот изјави дека Западот не треба да го потценува зголемениот ризик од нуклеарен конфликт во Украина.
Русија претходно овој месец соопшти дека планира да ги распореди своите новопробани интерконтинентални балистички ракети „Сармат“, способни за нуклеарни напади врз САД до есен.
Загриженоста на Западот за ризикот од нуклеарна војна се зголеми откако на 24 февруари претседателот Владимир Путин ја почна руската инвазија на Украина со говор во кој категорично се осврна на нуклеарните сили на Москва и ги предупреди земјите, посебно од НАТО и Западот, дека секој обид да застанат на патот на Русија „ќе доведе до последици какви што никогаш не сретнале во историјата“.
Извор: МИА