САД ќе продолжат да оперираат во водите на Црното Море, вели Пентагон по инцидентот со руските ловци

САД оперираат во меѓународните води, Црното море е дел од меѓународните воздушни граници и дронот се наоѓаше во тој простор, изјави денеска Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност во Белата куќа, откако откако два руски ловци Су-27, како што тврди Вашингтон, принудија американски дрон М-Кју 9 „Рипер“ да се урне во водите на Црното Море.

„Ќе оперираме и понатаму во меѓународните води, Црното Море е дел од меѓународните воздушни граници и дронот се наоѓаше во тој простор“, изјави тој на денешниот телефонски брифинг за новинарите.

Пентагон инцидентот го опиша како „непрофесионално, неодговорно и еколошки штетно однесување“ на Русија.

Во меѓувреме, Стејт департмент соопшти дека го повикале на разговор амбасадорот на Русија во САД, Анатолиј Антонов. Од Стејт департментот додаваат дека САД директно комуницираат со руската страна на високо ниво, за да го пренесат својот став во врска со инцидентот.

Прочитајте и:  Американците со уплав од Трамп гуглаат како да се преселат во Канада, Нов Зеланд, Австралија...

Европската команда на американските вооружени сили соопшти претходно денеска дека американски дрон MQ-9 се урна во Црното Море по судир со руски борбен авион Су-27 во меѓународниот воздушен простор над Црното Море.

Руски и американски воздухоплови се активни над Црното Море од почетокот на војната, но ова е прв таков инцидент со потенцијал да ја ескалира ситуацијата меѓу двете конфронтирани страни, во време кога се водат борби во источна Украина.

Извор: МИА

- Реклама -