САД ќе ѝ помагаат на Македонија да се брани од (руските) дезинформации и руското влијание

„Меморандумот за разбирање што неодамна во Вашингтон го потпишаа македонскиот премиер Димитар Ковачевски и специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот – Џејмс Рубин, кој ја дефинира соработката меѓу двете држави во борбата против манипулациите и дезинформациите, е многу важен, стратешки документ. Фокусот е на одбраната на Северна Македонија и САД, како сојузници во НАТО“, вели поранешниот американски амбасадор во Скопје и помошник-државен секретар Филип Рикер во интервју за Гласот на Америка.

„Многу сме горди што ја имаме Северна Македонија како 30-та членка на НАТО. Секретарот Блинкен го подвлече тоа на средбата со премиерот Димитар Ковачевски. Еден аспект на одбраната е дека сајбер-безбедноста е заштита од дезинформации. Живееме во ера на технологија што прави да е многу тешко секогаш да се дојде до вистината, до фактите. Ова е нешто што НАТО го сфаќа многу сериозно. Сите земји во регионот се соочуваат со некои од истите предизвици. Ние сме многу свесни за дезинформациите што ги објавува Путин и Русија. Тоа го гледаме многу години. Тоа го знаеме овде, во САД. Знаеме за манипулација со социјалните медиуми, со други медиуми, со дезинформации. Мислам дека е одлично што специјалниот пратеник Џејмс Рубин можеше да патува во регионот, вклучително и во Северна Македонија во април. Имаше средби, а со посетата на премиерот овде на Вашингтон, беше одлична можност прв да потпише еден од овие договори, што само ќе им овозможи на нашите две влади да работат заедно за да се справиме со предизвикот на дезинформациите во оваа ера на современи медиуми“, вели Рикер.

Според него, видливо е влијанието на Москва во обидот да создаде, како што вели, не само дезинформации, туку и немир.

„Тоа е дел од руските проекти за дестабилизација. Дел од тоа да се биде сојузник на НАТО е сите да работиме заедно и да се обидеме да се бориме против тие аспекти. НАТО е одбранбена Алијанса и е фокусирана на заштита на своите земји-членки од овие видови на деструктивни елементи“, вели Рикер.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Справувањето со руското влијание и ширењето дезинформации, и како САД ќе ѝ помагаат на земјава на тоа поле, е работа на специјалниот пратеник Рубин, кој раководи со Центарот за глобален ангажман во Стејт департментот, кој функционира под државниот секретар Блинкен, посочува поранешниот американски амбасадор во земјава.

„Заедно можеме да ги разгледаме напорите, кои можат да помогнат во борбата против видот на дезинформации, кои им помагаат на медиумите да се уверат дека се фокусирани на вистината. Да ги имаат фактите и да не бидат убедени во спротивното преку социјалните мрежи или други напори од Русија на Владимир Путин или други кои сакаат да нарушат и во регионот“, вели Рикер.

Според него, Македонија треба да го продолжи патот кон ЕУ и да ги „изоди потребните чекори“, а во тоа, посочува, земјата има поддршка од САД.

„Мислам дека е извонредно што Скопје ги започна разговорите со Брисел во однос на пристапните преговори. Очигледно има некои чекори на патот што треба да се изодат… Иако САД не се дел од Европската унија, се разбира, долго го поддржуваме членството на Северна Македонија во ЕУ. Кога бев во американската влада, тоа секако го правев во Брисел, меѓу членките на Европската Унија. Северна Македонија презеде големи реформи за да продолжи на тој пат, исто како што направија за членството во НАТО. Бев многу горд кога успеавме конечно да ја видиме Северна Македонија и како 30-та членка на НАТО во 2020-та“, рече Рикер.

Извор/ФОТО: МИА

- Реклама -