САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд во Хаг (МКС) да издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана на земјата Јоав Галант, изјави денеска портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
„САД суштински ја отфрлаат одлуката на судот за издавање налози за апсење на високи израелски функционери. Длабоко сме загрижени поради брзањето со кое обвинителот бараше издавање на тие налози, како и за вознемирувачките грешки во процесот што доведоа до таа одлука“, рече портпаролот, додавајќи дека САД и нивните партнери ги разгледуваат следните чекори.
Претходно денеска, МКС издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант и шефот на военото крило на палестинското движење Хамас, Мохамед Деиф.
Тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на војната во Газа и нападите во октомври 2023 година што ја предизвикаа израелската офанзива врз палестинските територии.
Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, денеска ги повика земјите-членки да ги „почитуваат“ налозите за апсење.
„Апелирам до сите земји-членки да ја исполнат својата посветеност на Римскиот статут (договорот со кој беше основан МКС) со почитување на овие судски наредби“, рече Кан.
Одлуката на МКС во теорија ги ограничува патувањата на Нетанјаху, бидејќи која било од 124-те земји-членки на судот ќе биде обврзана да го уапси на своја територија.
„Денеска, нашиот колективен ум и внимание мора да бидат насочени кон жртвите на меѓународните злосторства во Израел и државата Палестина“, рече Кан, додавајќи дека истрагата за ситуацијата во Газа продолжува и дека неговиот тим ги испитува „понатамошните линии на истрага во областите под јурисдикција на Судот” , т.е. Газа и Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим”.