САД изразиле недоверба во пролетната офанзива на Украина, Египет сакал да испрати военa помош за Русија

Од протечените документи од Пентагон, меѓу другото, се дознава дека САД изразиле недоверба во пролетната офанзива на Украина, а Египет сакал тајно да произведе ракети за Русија, објави Вашингтон пост.

Предизвиците на Украина да собере повеќе војска, муниција и опрема може да резултираат Киев да остане „пократок“ во своите цели во очекуваната противофанзива пролетва за заземање на териториите окупирани од Русија, се дознава од класифицираните документи на американските разузнавачи протечени на социјалните мрежи.

Како што објави весникот, документите, означени со „строго доверливо“, откриваат недоверба на САД во можниот успех на украинската противофанзива што се очекува да започне во следните недели.

Некои разузнавачки материјали со дата од февруари укажуваат на значајни „недостатоци во собирањето сили и постојани кусоци“ и можноста таква операција да резултира во само „скромни територијални придобивки“.

Прочитајте и:  Иран со осуда за „дестабилизирачкото присуство“ на САД на Блискиот Исток по најавите за распоредување американски бомбардери и други сили

Весникот коментира дека овие оценки се сосема поинакви од јавните изјави на администрацијата на Бајден за виталноста на војската на Украина и најверојатно ќе ги охрабри критичарите кои повикуваат САД и НАТО да притискаат кон решавање на конфликтот со преговори.

Oд протечените документи исто така се дознава дека Египет тајно планирал да произведе 40.000 ракети за Русија, иако оваа земја се смета за сојузник на САД и Вашингтон со децении му дава на Египет безбедносна помош во висина од една милијарда долари годишно.

Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел-Сиси, им наложил на службениците да го држат производството и испораката на ракетите за Русија во строга тајност „да се избегнат проблеми со Западот“.

МИА

- Реклама -