САД ѝ го прават на Русија тоа што се обиделе и Хитлер и Наполеон, вели Лавров

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во својот подолг говор на годишната прес-конференција во Москва, неодамнешните акции на САД поврзани со војната во Украина ги спореди со оние на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер и францускиот освојувач Наполеон Бонапарта.

Лавров на средбата со новинарите во Москва кажа дека „Вашингтон ја освои Европа за да води војна против Русија“, додавајќи дека и Хитлер и Наполеон „некогаш се обиделе да ја употребат истата тактика против Русија.“

„САД ја користат Украина за да водат војна против нашата земја. Има само една цел: конечно решение на руското прашање“, изјави Лавров пред новинарите на прес конференцијата.

Шефот на руската дипломатија рече и дека Москва сè уште не видела сериозни мировни предлози за мир во Украина, додавајќи дека идеите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за мир се „неприфатливи“. Тој додаде дека „Москва е подготвена да разговара за конфликтот со западните земји и да одговори на секој сериозен предлог, но секоја таква дискусија мора да одговори на пошироките безбедносни предизвици што ги гледа Русија“.

Прочитајте и:  Кулеба: Војната во Украина нема брзо да заврши

Лавров го повика НАТО да ја „отстрани својата воена инфраструктура“ од Украина и другите земји кои граничат со Русија.

„Кога нашите западни партнери со пена на устата велат дека не се во војна со Русија, тие лажат“, рече рускиот министер за надворешни работи и додаде: „Обемот на западната поддршка за Украина покажува колку тие инвестирале во војната против Русија”.

МИА

- Реклама -