Соединетите Американски Држави и Европската унија разгледуваат санкции во две фази против Косово, во случај владата на Албин Курти да не ги исполни своите обврски и не преземе мереки за деескалација на состојбата во северно Косово, јави телевизијата „Еуроњуз Албанија“, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.
Во наводниот документ кој го пренесуваат изворите на „Еуроњуз Албанија“, се вели дека „доколку не успее да ги исполни обврските, Косово ја загрозува сопствената иднина“.
Медиумите во Приштина ги пренесуваат наводите на тиранската телевизија, според кои во првата фаза се предвидува замрзнување на фондовите на ЕУ, на процесот на визна либерализација, на процесот на зачленување во Советот на Европа, на фондовите на САД и на други проекти финансирани од Западот.
Во втората фаза, се вели документот во кој „Еуроњуз Албанија“ наводно имал увид, се најавува пасивен однос на сојузниците кон кампањата на Србија за повлекување на признавањата на косовската независност, реорганизација на меѓународното воено присуство и сериозно редуцирање на американскиот контингент во Косово, како и исклучување на Косово од одредени меѓународни организации.
Предвидени се и индивидуални санкции против премиерот Курти и против министерот за внатрешни работи – Џељаљ Свечља, доколку ситуацијата на терен продолжи да се влошува.
Во документот што го цитира „Еуроњуз Албанија“ се вели дека Курти и Свечља можат да бидат прогласени за „персона нон грата“, со образложение дека „претставуваат закана за безбедноста и мирот“.
„Никој не очекуваше дека Владата на Косово ќе биде таа која со своите дејствија ќе предизвика нестабилност и ќе поттикне кризи и конфликти“, ја пренесува албанската телевизија оценката која се содржи во наводниот американски документ.
Вчера и завчера во Приштина престојуваа специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија – Мирослав Лајчак, и заменикот помошник државен секретар на САД и специјален пратеник на претседателот Џо Бајден за Балканот – Габриел Ескобар, кои на Курти му ги изнесоа барањата за преземање конретни мерки за смирување на состојбата во северно Косово. Во тој регион, населен со мнозинско српско население, веќе две недели локалните Срби протестираат против градоначалниците Албанци на вонредните локални избори во тамошните четири општини, одржани во април годинава, а кои Србите ги бојкотираа.
Европскиот и американскиот дипломат побараа од Курти, меѓу другото, повлекување на специјалните полициски единици и организирање вонредни локални избори во засегнатиот регион. Рокот што му го поставија да одговори на барањата на ЕУ и САД истекува денеска, а во спротивно, како што предупредија, ќе има „последици“ по Косово.
МИА