Руте за спорот со Бугарија: Кога би бил Македонец, на ЕУ би ѝ рекол „Дечки вие решете го ова“

Холандскиот премиер Марк Руте, кој е во прва официјална посета на Северна Македонија, смета дека земјава заслужува да ги почне преговорите со Европската унија и се надева дека ЕУ ќе биде поактивна во обидите да помогне во решавање на проблемот со Бугарија.

„Холандија беше една од земјите кои долго беа против преговори со ЕУ, но многу напредок беше направен во изминатите неколку години и лично сакав да ја пренесам пораката дека сме многу среќни што на крај ЕУ одлучи да ги започне преговорите. За жал, проблемот сега е Бугарија и мора да го решиме. Сепак, за овој проблем се грижиме со цел да почнат преговорите“, истакна Руте во изјава за ТВ „Сител“, додавајќи дека е претпазлив оптимист во однос на тоа дали земјава ќе ги почне преговорите во декември.

Тој се надева дека ќе се најде решение по изборите во Бугарија, имајќи го во предвид фактот дека, како што наведе, неговите колеги во ЕУ го делат ставот дека билатералното прашање меѓу Софија и Скопје не треба да е пречка за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

За тоа дали евентуалната промена на власта во земјава може да влијае на тој процес, Руте рече дека не би сакал да шпекулира и оти тоа е внатрешно политичко прашање на државата.

„Јас лично сум добар пријател со премиерот Зоран Заев, но се разбира дека ќе работиме со секоја Влада на Северна Макеоднија“, рече Руте.

Вели дека е случајност тоа што неговата прва посета на земјава е ден пред гласањето доверба на Владата во македонското Собрание.

„Оваа посета беше планирана еден месец претходно и секако не можеше да се претпостави каква ќе биде актуелната политичка состојба“, посочи холандскиот премиер.

Појаснува дека Холандија отсекогаш била строга, но фер кон земјите кои сакаат да се приклучат кон ЕУ.

„Холандија беше против почеток на преговори во ЕУ долго време, но морам да признам дека тоа беше строго, но и фер. Строго бидејќи зема многу време, но фер бидејќи кога беа направени сите потребни чекори тогаш Холандија, но и Франција и другите рекоа ‘Да’ за почеток на преговори со Македонија. Секако, ова прашање кое беше покренато во текот на летото со Бугарија би ме иритирало многу, бидејќи тоа е она што ги блокира преговорите и меѓувладината конференција. Во таа смисла би си рекол: дечки вие решете го ова, а не ние како Северна Македонија, ако одговорам како Македонец. Тоа е работа на ЕУ“, рече Руте.

МИА

- Реклама -