Во интервју во рамки на вестите на „ТВ 24“, обвинителката Вилма Русковска ги демантира шпекулациите дека било какви нови компромитирачки материјали, особено снимки, било за осомничените, за други вмешани, или за бизнисмени, се најдени при претресите кај двајцата осомничени и обвинителот на кого му е одземен мобилен телефон во истрагата за случајот „Рекет“.
Русковска објасни дека тие материјали се запечатуваат при самата заплена и се отвараат дури кога ќе почне вештачењето, кое, впрочем, се очекува и да потрае. Со оглед дека сè уште не е почнато вештачењето, како што рече Русковска, невозможно е да се знае или тврди дали во тие материјали постојат докази што ќе помогнат во истрагата или ќе инкриминираат и други лица освен прво и второосомничениот. Засега, констатира Русковска, видео и аудио доказите кои обвинителството рече дека ги поседува, се однесуваат само на двајцата осомничени, чии имиња веќе се познати во јавноста (Боки 13 Јовановски и Зоки Милевски – Кичеец).
Русковска, сепак, не ја исклучи можноста истрагата да се прошири врз обвинители, политичари и други личности од јавниот живот, но само во зависност од тоа во која насока ќе води истрагата и какви докази ќе бидат прибавени.
Обвинителката потврди и дека постои извесна поврзаност на првоосомничениот со обвинителот кому му е одземен мобилниот телефон (односно Катица Јанева) и дека уредот бил запленет за да се проверат наодите што ги изнеле сведоците во предистражната постапка. Потврди и дека не е најден вториот мобилен телефон на Јанева, со образложение дека е изгубен. Целото интервју можете да го погледнете ТУКА.