Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска и државниот обвинител Љубомир Јовески со спротивставени ставови околу сведувањето на минималец за обвинителите, пренесе Канал 5.
За разлика од Јовески кој не ја поддржа иницијативата на Здружението на јавните обвинители испратена до Министерството за правда, Русковска вели дека треба да се покаже солидарност, но преку намалување на одреден процент.
„И обвинителите и судиите треба да се солидализираат во оваа криза, но не се согласувам со минимална плата. Сметам дека ќе беше многу подобро и ќе имаше поголем ефект доколку на сите се скратеше одреден процент од платата, 20, 30 или 40 отсто. Тука мислам на сите, не само на судиите и обвинителите туку и на администрацијата“, рече Рускоска.
Сепак последниот збор по дописот на обвинителите ќе го има владиниот кризен штаб до каде го препратило Министерството за правда, по што ќе се знае дали околу 170 обвинители во земјава ќе земат минимална плата од 14.500 денари. Судиите пак, кои исто така се опфатени со оваа уредба, својата иницијатива ја доставија до уставните судии кои веќе отворениот предмет ќе го разгледаат наскоро.
Инаку во периодов на пандемија поради Ковид 19, во судовите во земјава се судат само притворските предмети. Еден од нив е и случајот Рекет кој по одложувањето поради корона вирус во затворот во Шуто Оризари, каде каде во притвор е Боки 13, денеска судењето продолжи со изведување на дополнителни докази на обвинителството и одбраната.
Судењето полека влегува во својата завршница. Потоа ќе следуваат одбраната на Јовановски и екс шефицата на СЈО Катица Јанева и завршните зборови.