Руско Министерство за одбрана: Полска намерно провоцира, не напаѓавме цели кај украинско-полската граница

Руското Министерство за одбрана се огласи по повод експлозијата во полското село Пржеводов, при што загинаа две лица.

„Изјавите на полските медиуми и официјални лица за наводниот пад на руски ракети врз селото Пржеводов се намерна провокација насочена кон натамошна ескалација. Немаше напади врз цели во близина на украинско-полската државна граница со руско оружје. Урнатините што ги објавија полските медиуми од местото на настанот во Пржеводов немаат никаква врска со руското оружје“, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Официјална Варшава сѐ уште нема потврдено дека експлозијата е предизвикана од руски ракети, но полскиот премиер Матеуш Моравјецки итно го свика Комитетот на Министерскиот совет за прашања на националната безбедност и одбраната.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

Портпаролот на полската Влада Пјотр Мулер не ја откри причината за свикувањето на итниот состанок.

„Ве молиме, не објавувајте непотврдени информации, за ова ќе разговараме по средбата“, истакна Мулер.

МИА

- Реклама -