Руските рудари до Путин: Владимире, сѐ друго направи, ајде сега со нас да копаш руда

Прилично редовно читаме за авантурите на рускиот претседател, а едно од образложенијата зошто тоа го прави е дека сака да ги погледне нештата од аспект на обичните луѓе, односно рускиот народ. Кога на крајот на јули, на пример, нурна со специјализирана подморница за да разгледа потопена руска подморница од Втората светска војна, рече дека таквите возбудливи патувања, исто како и тие кога лета со воени ловци, му овозможуваат на своја кожа да го почувствува она што го чувствуваат Русите од другите професии кога работат во различни средини: „Верувам дека морам да ги посетам местата каде што работат нашите специјалисти, и да видам како тие тоа го прават – за подобро да разберам што е тоа што ги тера многумина од нив да изберат таков животен пат“, рече тогаш Путин.

Сепак, очигледно има и нешта и места што Путин уште не ги направил и посетил. Па така, Асоцијацијата на рудари од Магаданската област во Русија, на состанокот со претставници од областа, го повика Путин малку да се проба и во рудник, како копач на злато.

На состанокот, претседателот на управниот одбор на концернот „Арбат“ – Александар Басански, му упати покана на Путин со следниве зборови:

Прочитајте и:  Путин: Русија истрела балистичка ракета со среден дострел кон Украина

„Патувавте со подморница, летавте со ловец, но се немате пробано во испирање злато. Ве повикуваме да дојдете и да си ја пробате среќата како копач на злато“.

Путин се обиде да се пошегува, алудирајќи на проблемот со илегалното производство на благородниот метал, за што зборуваше и Басански во текот на состанокот:

„Нема да ме пријавите на надлежните власти?“, праша Путин.

„Владимире Владимировичу, ќе ви пристапиме со разбирање и почит“, му одговори Басански. „Ова е искрена молба, повик. Очигледно е дека цела 2020-та ви е зафатена, но можеби ќе најдете време во 2021 година. Ќе ни биде драго да ве видиме, било кога“.

Басански истакна и дека последната посета на претседателот на областа Магадан било многу одамна, па во името на сите жители го повика да го посети регионот „за да види колку добро се извршуваат указите“. Путин немаше многу опции, па одговори: „Ќе дојдам“.

На друштвените мрежи, пак, многумина ситуацијата ги потсети на сцената со рударите од серијата „Чернобил“ на HBO, поради „храброста“ на Басански така бестрашно да му се обрати на Путин, „исто како“ што на владините претставници им се обраќа ликот на Андреј Глуков во серијата.

- Реклама -