Рускиот научник Александар Куранов, кој работеше на хиперсонична технологија, осуден на седум години затвор за одавање државни тајни

Руски научник кој работел на хиперсонична технологија е осуден на седум години затвор за предавство. Тој е прогласен за виновен за предавање државни тајни на странски државјани.

Осудениот е 76-годишниот Александар Куранов, кој казната ќе ја отслужи во строго обезбедуван затвор, а казнет е и со 100.000 рубљи (1.000 американски долари), изјави претставник на правосудниот систем во Санкт Петербург.

Куранов беше уапсен во 2021 година. Во тоа време, тој беше генерален директор на Истражувачкиот центар за проучување на хиперсонични системи, каде што ја водеше работата на новата верзија на хиперсоничниот авион Ајакс од советската ера.

Претседателот Владимир Путин постојано изјавува дека Русија е светски лидер во хиперсонични ракети. Оваа технологија се однесува на оружје кое може да носи муниција со брзина 10 пати поголема од брзината на звукот.

Прочитајте и:  Бајден брза да испрати помош за Украина пред инаугурацијата на Трамп

Украина во април соопшти дека Русија користела пет хиперсонични ракети „Циркон“ од почетокот на војната во нападите врз Киев. Путин во февруари потврди дека Русија користела ваков тип ракети.

Куранов е обвинет дека доставувал доверливи информации за неговото истражување за хиперсонични технологии на странски државјанин.

Портпаролот на судот рече дека судската одлука е донесена по две тужби. Случаите во Русија за предавство и шпионажа обично се слушаат зад затворени врати.

Во последниве години, бројни руски научници беа обвинети за предавство под сомнение дека пренеле чувствителни информации на странски државјани. 

- Реклама -