Рускиот амбасадор во САД: Американската воена помош за Украина го зголемува ризикот од конфликт

Одлуката на Вашингтон да испрати дополнителна воена помош за Украина претставува закана за интересите на Москва и ја зголемува опасноста од воен конфликт меѓу Русија и Западот, изјави рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов.

„Го гледаме тоа како директна закана за стратешките интереси на нашата земја“, напиша Антонов на социјалната мрежа „Телеграм“.

„Снабдувањето со воени производи, што го вршат САД и нивните сојузници, не само што носи долгорочно крвопролевање и нови жртви, туку и ја зголемува опасноста од директен конфликт меѓу Русија и западните земји“, напиша Антонов.

Вчера САД издвоија уште 625 милиони долари воена помош за Украина. Последниот, 22-ри расход за американско оружје и опрема за Украина од август 2021 година, вклучува дополнително оружје, опрема, муниција од резервите на американското Министерство за одбрана. Со ова, вкупната досегашна помош за Украина доделена од актуелната Администрација на САД изнесува 17.5 милијарди долари.

Како што рекоа од американскиот Стејт департмент, капацитетите се испраќаат за да се направи разлика на военото поле и да се засили позицијата на Украина на идните преговори.

Прочитајте и:  Џо Роган: Бајден и Зеленски сакаат светска војна, Кличко му одговори - тоа е руска пропаганда

„На Генералното собрание на ОН, претседателот Бајден стави јасно до знаење дека ние ќе го поддржиме народот на Украина толку време колку што е потребно. Неодамнешните случувања со лажните референдуми на Русија и обидите за анексија, како и новите откритија за бруталност врз цивилите извршена на укранските територии претходно контролирани од Русија, уште повеќе ја зајакнуваат нашата решеност да помагаме“, изјави државниот секретар Ентони Блинкен.

„Во сојузништво со нашите сојузници и партнери од 50 земји поставуваме оружје и опрема, што украинските сили ги користат ефективно за успеша контраофанзива, враќање назад на својата земја незаконски одземена од Русија.

„Продолжуваме да стоиме зад народот на Украина во одбрана на нивната слобода и независност, што тие го прават со невидена храброст и безгранична одлучност“, додаде тој.

Извор: МИА

- Реклама -