Руски закон за „заштита“ на граѓаните отвора пат за воени интервенции во Европа

Рускиот претседател Владимир Путин би можел да добие нови законски овластувања за иницирање воени операции во странство, во услови на зголемени стравувања од возможен вооружен конфликт помеѓу Москва и земјите-членки на НАТО во Европа. Според предлог-законот, кој веќе беше поддржан во првото читање од рускиот парламент, Путин ќе може да распоредува воени единици во странство во ситуациите кога руски државјани се апсат, притвораат или гонат.

Законот сè уште треба да помине низ две читања и да добие согласност од горниот дом на парламентот, но се очекува да биде усвоен. Оваа легислатива ќе ја зајакне постоечката правна рамка која му овозможува на претседателот да употребува сила за заштита на националните интереси. Вјачеслав Володин, претседателот на рускиот парламент, изјави дека „западните правосудни системи станаа инструмент на репресија“ и нагласи дека Русија треба да ги заштити своите граѓани.

Текстот на законот предвидува руски сили да можат да бидат испратени и во случаи поврзани со притворања по наредба на Меѓународниот кривичен суд, кој во 2023 година издаде налог за апсење на Путин и уште еден вискок функционер, поради депортација на украински деца.

Прочитајте и:  Џенифер Анистон се потсети на Бред Пит во „Пријатели“: Беше незаборавно смешно

Во меѓувреме, западни аналитичари упатуваат на предупредувања дека ваквата правна основа би можела да послужи како оправдание за можни воени операции во соседните земји, посебно на источното крило на НАТО. Некои проценки сугерираат дека Русија би можела да го искористи новиот закон и како средство за притисок врз земјите кои запленуваат руски танкери или спроведуваат санкции против руската нафта.

Меѓутоа, руски официјални лица ги отфрлаат ваквите интерпретации, истакнувајќи дека целта е заштита на руските граѓани и националните интереси во странство. Анализите укажуваат на тоа дека Москва со години настојува да создаде правна основа за своите надворешнополитички и воени активности, што беше јасно видливо и за време на интервенциите во Украина во 2014 и 2022 година.