„Нема да најдете ниту еден космонаут (значи руски астронаут) да тврди дека Американците не слетале на Месечината. Тоа прашање не е спорно, а шпекулациите доаѓаат единствено од луѓе кои немаат никаква стручна врска со вселената“, вели Јуриј Костицин – директор на Институтот за аналитичка и геохемија при Руската академија на науки, во интервју за РИА „Новости“.
Во периодот од 1969 до 1972 година Американците имаа седум лунарни мисии, од кои шест успешни, две пред и четири по таа неуспешната на Аполо 13, вели Костицин, додавајќи дека мисијата „Аполо“ од својот почеток во 1961 година била следена од целиот свет, вклучително и СССР. Дури и да се занемари фактот дека да се исценира американско слетување на Месечината би било потешко и поскапо отколку навистина да се отиде таму, како и тоа дека би било невозможно да се сочува таква тајна, Костицин уверува дека Земјаните сепак можат да бидат сигурни дека Американците слетале на Месечината, бидејќи за тоа има докази.
„Невозможно е да се фалсификува лунарна земја“, вели Русинот, додавајќи дека Американците имаат донесено преку 150 килограми земја, и тоа пред сé базалт, која потоа е проучувана од научници од разни земји, меѓу кои и Германија, Франција, СССР…
Како што објаснува Костицин, и на Земјата има базалт, но неговиот хемиски состав, својствата и структурата значително се разликуваат од лунарниот. Парчињата донесени од Американците по староста се многу блиски до староста на Сончевиот систем, за разлика од Месечината и Земјата кои настанале отприлика во исто време. Причина што таквите камења не опстанале на Земјата се литосферните, т.е. елувијалните процеси – супстанцата која се формира на површината на Земјата непрекинато тоне во подземјето и таму се дроби што води до исчезнување на карпите.
На Месечината, меѓутоа, елувијалните процеси се различни, а се последица на соларниот ветар. Честичките на соларниот ветар постепено ги дробат лунарните карпи. Во издробена форма тие се нарекуваат регалит, а тој ја прекрива Месечината на многу места. Такво нешто не постои на Земјата, истакнува Русинот, додека Американците и тоа го имаат донесено за проучување.
Сомнежите во веродостојноста на снимките, пак, според Костицин е резултат на документарните филмови во кои Американците заради илустрација користеле студиски снимки.