„Руската вакцина во Хрватска? Ни случајно!“, вели експертка по епидемиологија од ХЗЈЗ

Нема цврсти научни докази дека руската вакцина за Ковид-19, регистрирана денеска, е безбедна и делотворна, вели Дијана Мајер, епидемиолог во Хрватскиот завод за јавно здравство (ХЗЈЗ) и водител на Одделот за следење и унапредување на здравјето на деца и млади во училишна возраст.

„Руското Министерство за здравство ја одобри таа вакцина, меѓутоа нема научни докази за таа вакцина. Таа дури не е ниту на списокот на СЗО. Според СЗО, вакцината во моментов е во прва фаза на клинички испитувања. Таквите испитувања се состојат од четири фази, а дури по третата може еден лек, или во случајов вакцина, да се регистрира за поширока употреба. Од она што досега го знаеме, оваа вакцина ја примиле само 67 лица – тоа е премалку за какви било заклучоци, а уште помалку за да зборуваме за безбедност или ефикасност за нашите пациенти“, изјави Мајер за РТЛ телевизија.

Прашана колку е реално таква вакцина да влезе во комерцијална употреба и дали Хрватска би се одлучила за неа, Мајер одговара дека тоа не би смеело да се случи.

„Ни случајно! М едиумите пишуваат дека Русите треба да започнат со вакцинирање во октомври, што за мене е прерано, премногу оптимистично, нереално, затоа што е добро познато колку трае тестирањето на лекот и/или вакцината. Русите, наводно, уште во мај започнале со клинички студии. Речиси е невозможно Хрватска да влезе меѓу кандидатите што до октомври би ја набавиле таа вакцина. Речиси сум сигурна дека Хрватска нема да ја користи оваа вакцина“, вели таа.

Мајер смета и дека Путин претерал со изјавата дека ќерка му веќе примила две дози од вакцината.

„Да, претера во неговата изјава. Имам ќерка и сигурно не би ја вакцинирала со таа вакцина, а верувам дека и многу од моите колеги не би постапиле така. Кога вакцината ќе биде сигурна, ефикасна, научно докажана, кога ќе имаме доволно научни докази, тогаш секако би го вакцинирала своето дете“.

 

- Реклама -