Руската изборна комисија го отфрли опозиционерот Борис Надеждин како кандидат на претседателските избори

Руската изборна комисија ја отфрли кандидатурата на антивоениот противник на Владимир Путин –  Борис Надеждин за учество на претседателските избори следниот месец, јави Би-Би-Си.

Надеждин беше релативно критичен за војната на Русија во Украина.

Тој се обиде да ги оспори тврдењата на Изборната комисија дека повеќе од 15 отсто од потписите што ги доставил со апликацијата се неисправни. Но, Комисијата ја одби жалбата.

Надеждин на социјалните мрежи порача дека одлуката ќе ја оспори пред Врховниот суд на Русија.

– Собрав повеќе од 200.000 потписи низ цела Русија. Собирањето го вршевме отворено и чесно, порачува тој.

Централната изборна комисија соопшти дека повеќе од 9.000 потписи на Надеждин се неважечки.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

Претседателските избори во Русија ќе се одржат од 15 до 17 март, а во трката учествуваат само кандидати одобрени од Кремљ.

Конечната одлука за тоа кој може да учествува на изборите ќе биде донесена в сабота.

- Реклама -