Москва, 12 октомври 2022 (МИА) – Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека уапсила осум лица осомничени за вмешаност во организирањето на нападот врз мостот што го поврзува анектираниот Крим со Русија.
Според ФСБ, приведени се петмина Руси, како и уште тројца државјани на Украина и на Ерменија.
Спроведената истрага покажала дека експлозивната направа со која бил извршен нападот била камуфлирана во ролни со градежна полиетиленска фолија, спакувана на 22 палети со вкупна тежина од 22.770 килограми.
Експлозивот на почетокот на август бил испратен со брод од пристаништето Одеса во Украина до бугарското пристаниште Русе. Потоа пратката поминала преку пристаништето Поти во Грузија, а потоа била испратена во Ерменија од каде по копнен пат стигнала во Русија.
Руската разузнавачка служба соопшти дека експлозивната направа влегла во Русија на 4 октомври во камион со грузиски регистарски таблички, пред да стигне до руската област Краснодар што граничи со Крим, два дена пред експлозијата.
Според ФСБ, тој „терористички чин” го организирала украинската воена разузнавачка служба, наведувајќи дека агент од Киев го координирал транзитот на експлозивот, преку различни посредници. Како организатор на експлозијата, посочен е шефот на украинското воено разузнавање, Кирил Буданов.
На Крим, во меѓувреме, е прогласено високо ниво на закана од тероризам.
„Во општините на Крим во близина на Кримскиот мост е прогласено високо ниво на опасност од терористички акции“, соопшти лидерот на Крим, Сергеј Аксјонов.
„Со цел да се обезбеди безбедност и антитерористичка заштита на Република Крим и нејзиниот народ, ќе биде во сила жолто (високо) ниво против терористички закани“, прецизираше тој.
Агенциите за спроведување на законот, безбедносните агенции, извршните и самоуправните тела преземаат дополнителни мерки за обезбедување на безбедноста на поединците, општеството и државата, додаде Аксјонов.
Извор: МИА