Русите: „Америка го отру Скрипал“

Сé поголеми тензии на релација Лондон-Москва-Вашингтон. Русија ги обвини британските и американските служби за труењето на поранешниот руски двоен шпион Сергеј Скрипал и го повика Западот на дијалог за да се избегне нова Кубанска криза.

Москва побара вонреден состанок на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) во Хаг.

Путин, кој тврди дека случајот е дел од противруска кампања, изрази надеж дека тој состанок најпосле ќе ја оконча аферата која го предизвика најголемиот дипломатски судир на Истокот и Западот од времето на Студената војна наваму.

Русија тврди дека не е виновна за труењето и го истакнува наодот на британската лабораторија, која го анализираше употребениот нервен отров и заклучи дека не постојат докази дека потекнува од Русија.

Лабораторијата потврди дека станува збор за „новичок“ – воен нервен отров кој наводно се произведувал во советските лаборатории. Но истакна и дека за негово производство се потребни „многу сложени методи“ со кои може да располага само „државен актер“.

Во меѓувреме Велика Британија побара од OPCW да ја провери анализата на британската лабораторија.

Путин, од друга страна, тврди дека супстанцата со која се отруени Скрипал и неговата ќерка, може да биде произведена „во дваесеттина држави во светот“.

Прочитајте и:  Кампот на Камала Харис го обвинува Бајден за поразот од Трамп

Скрипал (66) и ќерка му Јулија (33) и понатаму се во болница. Јулија веќе не е во критична состојба, додека тој е стабилен.

Скрипал е поранешен полковник на руската воено-разузнавачка служба GRU, а во 2006 во Москва беше осуден поради издајништво на 13 години затвор. Азил во Британија доби по размената на шпиони меѓу САД и Русија во 2010-та година.

Директорот на руската трајна служба SVR – Сергеј Нарјшкин, рече дека случајот Скрипал е „очигледно фабрикуван од тајните служби на Британија и САД“.

Тој повикува да не се прибегнува кон сила во меѓународните односи, за да не ескалира состојбата до нова Кубанска ракетна криза, како во 1962 кога САД и Русија беа на работ на нуклеарна војна.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделникот оцени дека случајот „може да е во интерес на британската влада“, со цел да се оттргне вниманието од Брегзит во британската јавност и меѓу британското население.

Express.hr

- Реклама -