Русија упати „силен протест“ за новата база на НАТО во Балтичкото Море: „Ќе има најнегативни последици и нема да остане без одговор“

Руските власти денеска го повикаа германскиот амбасадор во Москва на разговор во знак на протест против отворањето на нова база на НАТО во Балтичкото Море, чија цел е да ги координира силите на земјите-членки во зоната во близина на Русија.

„Амбасадорот на Германија во Москва е повикан во руското Министерство за надворешни работи и му е упатен силен протест“, се вели во соопштението на руската дипломатија.

„Вашингтон, Брисел и Берлин мора да знаат дека проширувањето на воената инфраструктура на НАТО на територијата на поранешна Источна Германија ќе има најнегативни последици и нема да остане без одговор“, се додава во соопштението.

Според Москва, ваквиот пристап на германските власти „е продолжение на тивката ревизија на резултатите од Втората светска војна и милитаризацијата на земјата“.

Прочитајте и:  Улични борби помеѓу руските и украинските сили во Селидове

Руските власти сметаат дека се прекршени одредбите од Московскиот договор од 1990 година, со кој се воспоставува меѓународниот статус на Германија по нејзиното повторно обединување и се забранува стационирање и распоредување на странски сили на територијата на поранешна ДДР.

„Побаравме итни и детални објаснувања од Берлин“ за отворањето на овој штаб на НАТО, соопшти руското Министерство.

- Реклама -