Русија и светот: Ова не е нова Студена војна, ова е многу полошо

Исфрлувањето на бројни дипломати од САД и ЕУ неизбежно го наметнува прашањето: Дали тоа пред нашите очи почнува да се одигрува нова Студена војна? Некои аналитичари тврдат да, а другите тврдат дека е всушност многу полошо.

Во сета таа тензија која владееше во текот на Студената војна меѓу Москва и западот, барем двете страни, колку толку, можеа да очекуваат што ги чека. Постоеше некаков минимум на доверба која двете страни ги држеше уверени дека „непријателот“ ќе се однесува разумно.

„Непостојаните руски односи со светот дополнително се влошени со нападот на поранешниот шпиун на тлото на Англија. Во таков контекст, дипломатската клима од Студената војна се чини дури и мирна, додека оваа сега потсетува на онаа парализирачка недоверба каква што имаше во 1917 година, за време на Руската револуција. Овие настани не може да ги објасни Студената војна, а многу повеќе може револуцијата и првиот револуционерен режим“, вели Иван И. Курила од Европскиот универзитет во Санкт Петерсбург.

Путин, вели Курила, за разлика од болшевиците, нема идеологија, но неговата Русија е „револуционерна во смисла на меѓународните односи“. Од перспектива на Москва, САД се тие кои трајно го прекршија изградениот однос. За тоа е заслужен Џорџ Буш (Џуниор), кога во 2002 година одлучи да го напушти 30 години стариот договор за ракетна технологија потпишан уште во времето на СССР.

На Русија, вели Курила, не ѝ се допаѓа предоминантниот  американски поредок кој тогаш настана, и сака да го промени. Го научија и правилото на реципроцитет, па исто така одлучија да ги исфрлат странските дипломати од својата држава.

„Што повеќе се обидуваат да нé заплашат, толку посилен ќе биде нашиот одговор“, вели заменик претседателот на Одборот за меѓународни односи – Алексеј Чепа од руската Дума.

Кога Велика Британија минатиот месец ги протера 23-те руски дипломати, Москва не само што ги протера бројните британски дипломати, туку нареди и затворање на Британскиот Совет (British Council) – организација што ја промовира британската култура и јазик.

Ова е најголема криза по анексијата на Крим, а официјална Москва, речиси како кога во прашање е Крим, ги пере рацете од труењето на поранешниот шпиун и неговата ќерка.

„Ова е прв напад со хемиско оружје на тлото на Европа од крајот на Втората светска војна“, рече британската премиерка Тереза Меј со која многу брзо, што беше неочекувано поради Брегзит, се солидаризираа државите од ЕУ.

„Мислев дека Путин ќе ги остави ваквите потези ќе ги напушти во неговиот последен мандат (освен ако не успее да го промени системот). Тој не ги прави овие нешта поради забава, туку затоа што е Путин и затоа што може“, вели Кадри Лиик од тинк-тенкот European Council on Foreign Relations од Лондон.

Секој пат кога Русија мора да се соочи со своите дела, како Крим, рушењето на малезискиот авион во 2014-та во која загинаа 300 луѓе, или ова труење, Москва реагира со комбинација од самосожалување, негирање и промовирање на луди теории на завери кои одговорноста ја префрлаат на некој друг.

Откако негираа дека Русија или дури и Советскиот Сојуз го произвеле „новичок“ – отровот кој е користен против Скрипал, весниците под контрола на државата објавија интервју со руски научник кој рече дека помогнал во развојот на хемиското оружје „новичок 5“. Интервјуто подоцна е изменето со дополнување на еден научник во кое тврди дека „програмата на синтетизирање на хемиско оружје никогаш, па дури ни во Советскиот Сојуз, не го нарекувала ‘новичок’ “.

Обидот за убиство на тлото на Велика Британија сепак е капката што ја прелеа чашата. Западот одлучи дека сега е доста – вели Владимир Иноземцев, аналитичар од Варшава. Тој објаснува како, за разлика од водачите од добата на Студената војна, Путин не следи идеологија, но е подготвен да направи било што, макар било и дипломатско или политичко табу, за да го поткопа постоечкиот однос на сили во Европа, притоа инсистирајќи дека Русија е жртва, а не агресор.

Прочитајте и:  Џо Роган: Бајден и Зеленски сакаат светска војна, Кличко му одговори - тоа е руска пропаганда

Кога Обединетите нации во 2015-та предложијиа меѓународниот трибунал да ги истражи причините и начинот на рушење на авионот MH-17 над територијата на Украина кој беше држен од руски бунтовници, Москва го искористи своето вето во Советот за безбедност на ООН за тоа да го блокира, а воедно Русија беше и единствената членка на Советот која се противеше на таква истрага.

„Ако секогаш сé негирате, а правите неприфатливи нешта, тогаш тоа станува како во онаа приказната кога детето премногу пати викало ‘волк!’, па на крајот веќе никој не му верувал. Дипломатијата, дури и во периодот на криза за време на Студената војна, секогаш беше одработувана мирно и без тензии, а сега Москва објавува и споделува твитови во кои се потсмева дека денешна Британија е импотентна во споредба со некогашната моќ. Путин ужива во тоа да ги погазува нормите и да ги лути другите држави“, вели Ијан Бонд – некогаш британски дипломат во Москва.

Иако Русија е евидентно малку затечена од реакцијата, јасно е дека нешто во таа насока очекувале, па само неколку часа пред протерувањата на дипломати да стигнат во јавноста, тие тргнаа во офанзива. Портпаролката на руското МНР – Марија Закарова веднаш на Фејсбук се исмеа на „солидарноста на ЕУ државите со Британија која не ни сака да остане со нив во унија, а ете, сега ЕУ поради таа членка во заминување ги ризикува односите со Русија“.

Иако американскиот претседател Доналд Трамп покажуваше зачудувачки афинитет кон Путин, рускиот лидер отсекогаш беше повоздржан и покажуваше знаци на недоверба.

„Тоа што САД сега го прават е што го уништуваат и она малку што преостана од односите на овие две земји“, рече по американското протерување на дипломати Анатолиј Антонов, амбасадор во Вашингтон.

И покрај непредвидливоста на Путин (ама и на Трамп), шансите за нуклеарна војна меѓу Русија и западот остануваат минорни. Сите договори за контрола на вооружувањето од ’70-тите наваму и понатаму се почитуваат, со исклучок на ABM – односно договорот за ракетна технологија кој го прекрши Буш. Неговата одлука, со која не се сложуваа повеќето од американските сојузници, го поништи нивото на доверба која во ’80-тите го постигнаа Реган и Горбачов, а односите веќе никогаш не се вратија на така добри.

Токму тој прекин на „статус кво“-то од страна на Америка, Путин го искористи како аргумент кога во февруари ја претстави новата генерација нуклеарни ракети без ограничен домет.

„Повторната трка во вооружување почна кога Буш го прегази ABM“, рече Путин.

Кога во ’20-тите години на 20-от век во Европа мораа да се соочат со Москва, просто не знаеја како; им требаа децении да смислат тактика и пристап, вели историчарот Курила. Во случајот на Велика Британија – водечка сила тогаш и првата западна земја што го призна Советскиот сојуз, процесот како да потсетува на ова што сега се случува. Британија ја признава болшевичката власт во 1924 година, но потоа ги протерува советските дипломати и ја затвара амбасадата откако полицијата открива советски ланец од шпиуни со јасна мисија да шират хаос во Британија.

Express.hr

 

- Реклама -