Русија го исполни она што го најавуваше и со реципроцитет одговори на протерувањето на рускиот дипломат од Македонија. Како што информираа руските медиуми и Руската амбасада во земјава, пренесувајќи го соопштението на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, денеска, во Москва, во руското МНР, била повикана в.д. амбасадорката на земјава во Русија – Оливера Чаушевска-Димовска, и ѝ била врачена нота со која вработен во македонската амбасада се прогласува за „персона нон грата“.
Како што велат од Руската амбасада, мерката е одговор на „сосема немотивираната одлука на македонската страна“ од мај годинава.
На одговорот на Русија, реагираше шефот на македонската дипломатија – Бујар Османи.
„Жалиме за неоправданата одлука на Министерството за надворешни работи на Русија. Ова е само одмаздничка политичка одлука, ништо повеќе. Ова несомнено ќе има негативно влијание врз билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Руската федерација“, порача министерот за надворешни работи, на Твитер.
Regrets for the unjustified decision of @mfa_russia, merely a retaliatory political decision; this will undoubtedly have negative influence on the bilateral relations between the Republic of North Macedonia and the Russian Federation https://t.co/64sD79WZYE
— Bujar Osmani (@Bujar_O) June 10, 2021