Русија нема да биде рамнодушна ако Белград ѝ воведе санкции, „тоа би било политичко харакири“

Белград, 18 октомври 2022 (МИА) – Рускиот заменик министер за надворешни работи, Александар Грушко, изјави дека Москва би била разочарана доколку Србија воведе санкции против неа и дека е убеден дека секоја влада која се води од националните интереси нема да врши политичко харакири со воведување санкции против неа, јави дописникот на МИА од Белград.

„Би бил неискрен ако кажам дека ќе бидеме рамнодушни кон тоа Србија да ни воведе санкции. Секако дека би биле разочарани“, изјави Грушко како одговор на тврдењето на новинарот дека во дел од јавноста во Србија постои наратив дека „дури и ако Белград воведе санкции, Русија треба да нѐ разбере, дека не можевме да направиме поинаку“, пренесува агенцијата Бета.

Според него, кога Западот воведува санкции против Русија, всушност воведува санкции против себе.

„Сите знаат за тажната состојба во енергетскиот сектор, дури и во сферата на прехранбената безбедност. Ова е токму резултат на санкциите кои ја влошија и онака критичната состојба како последица на пандемијата. Сега поради тоа страда Западот“, рече Грушко.

Прочитајте и:  Калас: ЕУ мора да ја поддржи Украина колку што е потребно

„Затоа приклучувањето кон санкциите, велам теоретски, е воведување санкции против самиот себе. Тргнуваме од тоа дека секоја влада која се води од националните интереси и не попушта под притисок, нема да прави такво политичко харакири“, додаде Грушко на крајот од посетата на Белград.

Српскиот претседател Александар Вучиќ го примил Грушко за време на неговата посета на Белград на 13 и 14 октомври, соопшти во саботата Министерството за надворешни работи на Русија. Грушко разговарал и со министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ, како и со министерот за внатрешни работи, Александар Вулин.

Грушко и неколку претставници на тоа министерство во саботата присуствуваа на хуманитарен концерт во Рускиот дом во Белград, насловен како „Српско срце – ранета словенска Србија, како гест на волјата на српскиот народ да им помогне на жртвите во Донбас“, а со видео врска од Луганск, советничката на лидерот на т.н. Луганска Народна Република, Ана Сорока, се заблагодари на организирањето на концертот.

- Реклама -