Русија не успева да победи ниту во Украина, а камоли да се спротивстави на НАТО.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, изјави дека Русија не располага со капацитети за глобален конфликт и повика на итен прекин на огнот во Украина.

„Ако Русија не може да ја совлада Украина, како тогаш би можела да се соочи со НАТО?“ – рече Орбан во интервју за порталот Telex.

Според него, основата за мир треба да започне со прекин на огнот, а реалниот договор мора да биде постигнат помеѓу Москва и Вашингтон. Тој повторно истакна дека е против членството на Украина во НАТО и Европската унија, тврдејќи дека тоа не е во интерес на Унгарија.

Орбан нагласи дека Русија реагира само на „јазикот на силата“ и повика Европа да ја зајакне својата политичка и економска моќ, бидејќи, според него, моментално делува од позиција на слабост.

Тој изрази спремност да разговара со рускиот претседател Владимир Путин и дури да го пречека во Будимпешта.

Во однос на американскиот претседател Доналд Трамп, Орбан изјави дека не го смета за „месија“, но верува дека постои можност за постигнување договор со него за крај на војната — и покрај тоа што тоа би било екстремно тешко.

Унгарскиот премиер е гласен критичар на испораките на оружје за Украина и на санкциите против Русија, тврдејќи дека тие негативно влијаат на европската, а со тоа и на унгарската економија.