Русија најави силен одговор на американските санкции – „не нужно симетричен, ама „проверен и чувствителен за САД“

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Русија ќе даде силен и сензитивен одговор на американските санкции.

„Нема сомнеж дека ќе биде даден силен одговор на санкциите, не нужно симетричен, туку проверен и чувствителен за американската страна“.

Министерството соопшти дека Вашингтон вовел нова рунда санкции со цел „да го промени курсот на Русија“.

„Русија докажа дека, со сите трошоци поврзани со санкциите, способна е да ја минимизира штетата. И уште повеќе, притисокот од санкциите не може да влијае на нашата решеност цврсто да ги браниме нашите интереси“, се вели во соопштението од руското МНР.

Синоќа американскиот претседател Џозеф Бајден објави дека САД воведуваат остри санкции против руската елита, членовите на нивните семејства и две банки, додавајќи дека Русија ќе плати уште поголема цена „доколку продолжи со агресија врз Украина“.

Бајден најави дека во „првиот пакет“ санкции ќе блокира две големи руски финансиски институции – ВЕБ и Руската воена банка. Покрај тоа, тој најави дека „делови од руската економија ќе бидат отсечени од меѓународните финансиски системи“.

Бајден го опиша фактот што рускиот претседател Владимир Путин ги признал самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск како „почеток на руската инвазија на Украина“.

„Како одговор на тоа, ќе почнам да воведувам санкции, многу поостри од чекорите што ние и нашите сојузници ги презедовме во 2014 година. Ако Русија продолжи со оваа инвазија, ние сме подготвени да одиме понатаму“, рече Бајден.

Прочитајте и:  Медведев: Европските политичари сакаат ескалација на украинскиот конфликт по победата на Трамп

Тој оцени дека потегот на Путин најавува дека Русија има намера, како што наведе, да „присвои голем дел од Украина“.

„Путин синоќа ги овласти руските сили да се распоредат во тие региони. Денес тој тврдеше дека тие региони всушност се протегаат подлабоко од двете области што ги призна. Тој наоѓа изговор да заземе повеќе територија со сила, според мене, судејќи според неговиот говор во понеделникот, да оди многу подалеку. Ова е почеток на руската инвазија на Украина“, рече Бајден.

Американскиот претседател информираше и дека одобрил дополнителен трансфер на војници и воена опрема во Европа за зајакнување на балтичките сојузници, откако Путин нареди испраќање трупи во двете самопрогласени републики во источна Украина.

„Откако Русија призна дека нема да ги повлече своите војници од Белорусија, одобрив дополнителен трансфер на американски војници и опрема кои веќе се стационирани во Европа, со цел да ги зајакнеме нашите балтички сојузници, Естонија, Летонија и Литванија“, рече Бајден.

Тој додаде дека сака да појасни дека тоа се „целосно дефанзивни чекори“.

„Немаме намера да се бориме против Русија. Сепак, сакаме да испратиме јасна порака дека САД заедно со своите сојузници ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО и ќе ги исполнат своите обврски кон Алијансата“, рече Бајден.

Извор: МИА

- Реклама -