Русија ја предупредува Европа: Ако ни го земете имотот, одговорот ќе боли

Претседателката на Горниот дом на рускиот парламент Валентина Матвиенко, блиска соработничка на Владимир Путин, денеска ја предупреди Европа дека Русија веќе напишала закон за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина.

Откако Путин испрати војници во Украина во 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, блокирајќи речиси 300 милијарди долари руски средства на Запад, пренесува Хина.

Американски функционери сакаат да запленат имот за да и помогнат на Украина, иако некои банкари и европски функционери се загрижени дека таквата заплена ќе создаде опасен преседан.

Претставничкиот дом на САД во саботата усвои закон со одредба која овозможува заплена на руски имот, но главниот дел од руските средства не е во САД, туку во Европа.

– Имаме подготвен одговор. Имаме предлог-закон со одмазднички мерки што сме подготвени веднаш да го разгледаме … А Европејците ќе изгубат повеќе од нас, рече Матвиенко.

Таа не прецизираше каков ќе биде одговорот на запленувањето руски имот, за што се уште се разговара на Запад.

Една од опциите за која разговара Западот е да се конфискува приходот од имотот без да се земе самиот имот.

Прочитајте и:  Кулеба: Ако Трамп ги секне муницијата и оружјето од САД, изгледите за Киев ќе бидат мрачни - клучот е во Европа

Путин вели дека Западот почна економска војна против Русија, тврдејќи дека руската економија, која минатата година порасна за 3,6 отсто, е отпорна на западните санкции кои имаат за цел да ја запрат руската трговија.

Кремљ постојано повторува дека секое запленување на негови средства ќе биде спротивно на принципите на слободниот пазар што Западот ги прокламира и ќе ја поткопа довербата во американскиот долар и еврото, а истовремено ќе ги одврати глобалните инвестиции и ќе ја поткопа довербата во западните централни банки.

Русија соопшти дека ќе ја оспори на суд секоја конфискација на нејзин имот.

Некои руски функционери сугерираат дека ако се заплени руски имот, истото може да му се случи и на имотот на странските инвеститори блокиран на специјални сметки во Русија.

Не е јасно колку точно пари има на тие сметки.

Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, вчера изјави дека Русија има основа да ги заплени имотите на Западот по усвојувањето на законот во американскиот Конгрес.

Володин рече дека од 280 милијарди долари замрзнати руски средства во странство, само пет до шест милијарди долари се во САД, додека околу 210 милијарди евра се во Европската Унија.

- Реклама -