Русија го нападна Киев со дронови камикази, најмалку шест жртви ширум земјата (ВИДЕО)

Најмалку шест лица загинаа, а неколку се повредени во последните руски ракетни напади во градовите низ Украина, вклучително и главниот град Киев, пренесе ДПА.

Три тела се извлечени во Киев, објави на Телеграм заменик-шефот на претседателскиот кабинет Кирило Тимошенко, додавајќи дека 19 лица се спасени од урнатините на куќа уништена од експлозија.

„Спасувачките напори продолжуваат“, рече Тимошенко попладнево.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, идентификуваше две од жртвите како млад пар. Жената била во шестиот месец од бременоста, рече тој.

Според гувернерот Дмитро Живицки, во регионот на Суми загинале најмалку три лица, а девет се повредени откако утрово три руски проектили погодија цивилна цел.

„Сè уште има луѓе затрупани под урнатините“, додаде тој.

Според украинскиот министер за внатрешни работи Денис Монастирски, во Киев биле повредени и двајца болничари.

„Русија денеска нападна со вкупно 40 дронови, од кои пет го погодија Киев“, рече тој. Според украинското претседателство, над 20 од дроновите го таргетирале главниот град.

Напади беа пријавени и во регионите на Дњепропетровск и Одеса.

Прочитајте и:  Бајден и дозволил на Украина да користи американско оружје за напади во внатрешноста на Русија

Москва соопшти дека ја гаѓала енергетската инфраструктура на земјата.

„Стотици населени места сè уште се без струја“, изјави украинскиот премиер Денис Шмихал.

Руската армија, пак, неколку часа по нападите, соопшти дека ги погодила „сите таргетирани“ нејзини цели во Украина.

„Руските вооружени сили продолжија со напади со висока прецизност и со долг дострел… оружје во воените командни и контролни објекти и енергетските системи на Украина“, објави руското Министерство за одбрана.

Како што соопшти рано утрово градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во главниот град бил нападнат централниот Шевченковски реон, вторпат во рок од една недела. Во овој реон има многу универзитети, студентски кафулиња и ресторани. Областа беше погодена и минатиот понеделник од неколку експлозии, кога Русија ја нареди својата досега најголема воздушна офанзива против украинските градови како одговор на експлозијата на мостот што ја поврзува Русија со полуостровот Крим.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, сепак, денеска повторно порача дека нападите нема да ги „скршат“ Украинците.

„Цела ноќ и цело утро, непријателот го тероризира цивилното население. Беспилотни летала и ракети камикази ја напаѓаат цела Украина. Непријателот може да ги нападне нашите градови, но нема да може да нѐ скрши“, категоричен беше Зеленски.

Извор: МИА

- Реклама -