Њујорк, 18 март 2022 (МИА) – Русија го користи Советот за безбедност на ОН за да шири дезинформации и пропаганда за нејзината инвазија врз Украина, соопштија денеска шест западни земји-членки.
Тие го изнесоа ова тврдење на состанокот на Советот свикан на барање на Русија за да разговараат околу нејзините наводи дека Украина развива биолошко оружје.
„Русија уште еднаш се обидува да го искористи овој Совет за да ги испере своите дезинформации, да ја шири својата пропаганда и да го оправда својот неиспровоциран и брутален напад врз Украина“, се вели во изјавата на шесте земји членки во Советот, прочитана од американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд.
Таа беше придружувана од претставници на Франција, Норвешка, Албанија, Ирска и Велика Британија.
Минатата недела Советот за безбедност на ОН одржа состанок за истото прашање, исто така, на барање на Русија.
На денешниот состанок САД повторија дека Украина нема програма за развивање биолошко оружје.