Русија: Америка може да се соочи со фатални последици

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека САД би можеле да се соочат со „фатални последици“ доколку го игнорираат предупредувањето на Москва да не и дозволи на Украина да го користи оружјето што и го испорачува за да нападне цели на руска територија.

Рјабков зборуваше за одлуката на американскиот претседател Џо Бајден од минатата недела да го овласти Киев да користи американско оружје за цели во Русија доколку тие се дел од нападот врз украинскиот регион Харков.

– Би сакал да ги предупредам американските лидери за погрешни пресметки кои можат да имаат фатални последици. Од непознати причини тие ја потценуваат сериозноста на одговорот што би можеле да го добијат, изјави Рјабков за руската новинска агенција РИА.

Тој се осврна на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој минатата недела ги предупреди членките на НАТО дека „си играат со оган“ и ризикуваат поширок глобален конфликт.

– Ги повикувам тие личности во Америка да одвојат дел од своето време, кое, судејќи според леснотијата на пристапот, сега го трошат на некакви видеоигри, за детално да го проучат она што Путин го претстави, рече Рјабков.

Прочитајте и:  Американски сенатор: Залудно е да се преговара со тиранинот Путин

Рускиот претседател даде „многу значајно предупредување и тоа мора да се сфати многу сериозно“. Путин рече дека Западот директно ќе се вклучи во конфликтот во Украина, доколку негово оружје биде употребено на руска територија, бидејќи за тоа ќе биде потребна негова сателитска, разузнавачка и воена помош.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг минатата недела изјави дека НАТО има право да и помогне на Украина во нејзиното право на самоодбрана и дека тоа не ја прави Алијансата учесник во војната.

Во текот на викендот, украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на Вашингтон што дозволи употреба на американски ракетни системи ХИМАРС во регионот на Харков, но рече дека тоа не е доволно. Украина долго време предупредува дека ограничувањата поставени од западните земји за употреба на нивното оружје значително ја попречуваат способноста на Украина да се брани.

- Реклама -