Уште во 1918, пред усвојувањето на Версајскиот договор, швајцарскиот правник и професор на Универзитетот во Лозана Рудолф Рајс напиша: „Факт е дека македонскиот не се говори ни во Софија ни во Белград. Тој е посебен словенски јазик…Според мое мислење, Македонецот не може да се нарече ни Бугарин ни Србин, туку просто Македонец“. Истото тоа го кажува и истакнатиот француски писател Анри Барбис: „Станува навистина збор за еден народ. Народ што има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност… Македонците кои си имаат свој посебен јазик и неспорна етничка оригиналност, немаат право да се наречат Македонци“.
– Колку убав пример на одбрана на македонскиот национален идентитет од страна на странец и тоа пред речиси цел еден век, и тоа во време кога нашиот народ немал свои институции кои би можеле да дејствуваат, на разни начини, во негова корист. Но, имал среќа во тоа време да има интелектуалци со високи морални вредности и со готовност да му искажат поткрепа во неговата борба за свое докажување како посебен субјект, да му искажат барем солидарност во неговите страдања, вели Трајко Стаматоски, во својата книга „Македонски јазик: идентитет и континуитет- доискажување“.
Тој потенцира дека, денеска нашата ситуација е нешто поинаква, оти повторно се негира македонската самобитност.
-Отаде, ни останува вербата дека ќе надвладее разумот, дека ќе победи сфаќањето оти не се брише нешто што едноставно не може да се избрише, вели Стаматоски.
Меѓу оние кои говореле за посебноста на македонскиот јазик се и Полјакот Мјечислав Малецки, Словенецот Ватрослав Облак, Французите Андре Вајан и Антоан Меје, Бугарот Петар Драганов и други.
Македонците не разбираат српски
Во услови на распарченост на земјата меѓу владејачките структури на соседите, македонските мисловни сили можеле да сметаат на поткрепа во реализација на своите стремежи за самостоен национален развоја, а со тоа и на слободен македонски збор, единствено на прогресивните сили кај тие народи. Затоа, Стаматоски вели, не е никако неочекуван извештајот на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија од 1928 година, во кој се констатира: „Од никаков печат на српски јазик овдека се нема многу корист, бидејќи Македонците многу тешко читаат и мнозинството не го разбираат. Затоа се поставува како една голема потреба да се основа еден илегален весник на македонски или во овие сега да се внесе секогаш еден мал дел на македонски“.
Соодветна е активноста и во другите делови на Македонија. Органот на КПГ „Ризоспастис“ објави во 1934 годинанеколку писма на македонски јазик и го предаде на грчки јазик познатото писмо со потпис „Многу Македонци“ (30 јануари 1935), во кое се бараше да се дозволи „слободно да си го зборуваме нашиот македонски јазик и да отвориме наши училишта, македонски, на кои ќе учат нашите деца“.
– Да се потсетиме само дека овие барања се во согласност со издавањето деценија порано на букварот Абецедар (Атина 1925) на убав народен македонски јазик, објавен како резултат на меѓународните договори за заштита на правата на малцинставата и забранет веќе со објавувањето, појаснува Стаматоски.
На 8 февруари 1935 година, Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) под бугарска власт објавил во „Македонско дело“ Декларација, во која меѓу другото стои: Бидејќи Македонците под грчка власт не се ниту „славофони“ ниту „чисти Грци“, бидејќи Македонците под српска власт не се „прави Срби“, исто така и Македонците под бугарска власт не се Бугари, ниту пак сакаат да станат такви“.
Документите што ги донесува АВНОЈ да бидат објавувани и на македонски
По повод одбележувањето на 20-годишнината на Илинденското востание (1923) била објавена драмата Илинден на Никола Киров Мајски и тоа на родниот крушевски говор и во неа поместен текстот на Крушевскиот манифест.
– При тој повод Димо Хаџи Димов ја изрече визионерската мисла дека македонскиот народ ќе дочека и втор, победоносен Илинден. Бескомпромисниот борец за самостојноста на македонското национално дело, но затоа набрзо беше пречекан со куршум од тие што беа против успешната разврска на тоа дело, забележува Стаматоски.
Познато е пошироко, а и многу експлоатирано и од науката и од политиката, решението на Коминтерната од 1934 година за посебноста на македонскиот народ.
Значајно е и Второто заседание на АВНОЈ (ноември 1943), со кои се елаборира нова Југославија и во неа Македонија како одделна република. По АВНОЈ, раководството донело две значајни одлуки: да се одржат народни собранија во републиките (значи, задача на македонското раководство да свика АСНОМ) и документите што ги донесува АВНОЈ да бидат објавувани на јазиците на југословенските народи, вклучително и на македонски јазик.
Во четвртата деценија на дваесеттиот век почнува да се јавува на македонскиот јазик и убава литература.
-Покрај афирмираните драмски автори Васил Иљоски, Антон Панов и Ристо Крле, чии дела се поставуваат на сцената на Театарот во Скопје, но и во Белград, Сараево и Бања Лука, и поетите Кочо Рацин, Венко Марковски, Коле Неделковски, Волче Наумовски, се јавуваат со литературни обиди повеќе десетици автори. Блаже Ристовски своевремено соопшти дека во напредните југословенски весници и списанија се објавени 79 стихотворби од 25 автори, информира Стаматоски, кој потенцира дека ова е во услови на некодифициран литературен јазик, чија кодификација ќе се случи во 1945 година.
Ова се само дел од документите и сведоштавата за македонскиот јазичен развиток. Голем дел од ваквите сведоштва систематски се уништувани, а веројатно до некои македонската наука ќе доаѓа и во иднина. Тие само ќе ја надополнат сликата за јазичниот развиток.