Македонија се наоѓа во многу потешка ситуација со цензурата отколку Бугарија во времето на Тодор Живков – тврди бугарскиот историчар и член на мешовитата комисија – Кирил Топалов. Во гостувањето во „Тази сутрин“ на бугарската „бТВ“, тој ја спореди земјава со Северна Кореја.
„Ние го памтиме тоа време, постарите, како беше тогаш, тешка цензура и тешка репресија ако ја нарушиш цензурата. Македонија е, се извинувам што ќе го кажам, но е една Северна Кореја на Балканите. Ве молам да ми извините, но тоа е вистина. Таква свирепа цензура, таков свиреп тоталитаризам се случува во моментов таму, што ние не можеме да си го замислиме, бидејќи тие работи одамна сме го заборавиле“, изјави Топалов, пренесува „Канал 5“.
Една од главните точки во неговото гостување беше „јазичниот спор“ меѓу двете држави, кој, според него, бил многу поизразен овде отколку во Бугарија, а затоа што во државава имало повеќе луѓе кои артикулирале што тие мислат дека е вистина. Тоа што тие луѓе го артикулираат, според Топалов, е научна фантастика и лаги за бугарското културно-историско наследство.
Заедно со Топалов, на „бТВ“ гостуваше и Ана Кочева – една од авторите на такаренечената „Бела книга“, во која бугарските историчари и академици ќе го објаснуваат историскиот и јазичен спор меѓу Македонија и Бугарија. Според Топалов, кој е еден од рецензентите, со ова дело тие ќе се обидат да ги обезличат лагите кои со децении биле наметнувани во земјава.