Повеќе земји членки на ЕУ бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже дека има поврзаност со нападот во Бањска на северот на Косово, каде група вооружени и маскирани лица отворија оган врз косовските полицијата кога загина еден полицаец, јави денеска Радио Слободна Европа (РСЕ).
Како што наведе РСЕ, во вторникот вечерта се одржал состанок на Комитетот за политика и безбедност, составен од амбасадори на земјите-членки на ЕУ, на кој се разговарало за новонастанатата ситуација во Косово, во светло на нападот во Бањска на 24 септември.
Според дипломатски извори на РСЕ, на таа средба многу земји изразиле став дека треба да се преземат мерки против Србија доколку се докаже нејзината поврзаност со нападите или нејзината улога во испраќањето оружје на територијата на Косово, откриено при полициската акција.
„Она што се случи во неделата на северот на Косово, количината на оружје што е пронајдено и информациите кои постојано ни доаѓаат од местото на настанот ја менуваат играта“, изјави извор од ЕУ.
На средбата присуствувал и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, како и претставници на европската мисија за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС.
На средбата земјите-членки го осудија нападот на косовската полиција и побараа да продолжи истрагата за ттоа што точно се случило во Бањска и да се откријат сите факти.
Извори на РСЕ, информирани за средбата, напоменаа дека амбасадорите на некои земји-членки побарале ЕУ да има „баланс“ во пристапот кон Косово и Србија.
Според РСЕ, изворите потврдиле дека на разговорот на средбата била изразена целосна поддршка на Лајчак со барање да се продолжи процесот на дијалог и имплементација на договорот.
Лајчак има намера да ја посети Приштина во наредните денови, иако се уште се работи на модалитетите на таа посета, пишува РСЕ и додава дека, како што е познато, Лајчак нема сам да ја посети Приштина, туку најверојатно со себе ќе донесе делегација на претставници од клучните земји од ЕУ кои се вклучени во процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
МИА