Поранешниот директор во Формула 1, Рос Браун, кој беше дел од неколку тимови во текот на неговата кариера, смета дека Михаел Шумахер е најдобриот возач во историјата на овој спорт.
Во неодамнешно интервју, Браун зборуваше за квалитетите и карактеристиките кои, според него, го прават Шумахер уникатен во светот на моторспортот.
„Она што го издвои Михаел од останатите беше неговата неверојатна способност да го комбинира талентот со напорна работа и интелигенција. Посветеноста кон неговиот занает беше неспоредлива,а истовремено поседуваше речиси единствена способност постојано да ги подобрува своите вештини. Историјата на Формула 1 е исполнета со талентирани возачи, но не сите знаеле како целосно да го искористат својот потенцијал. Шумахер се разликуваше по својата извонредна физичка подготвеност, огромна концентрација и неверојатна одлучност.Тоа му овозможи да доминира и да создаде непобедлива аура околу себе“, изјави Браун.
Најголемите успеси на Шумахер се поврзани со тимот на Ферари, каде што успеа да ја освои шампионската титула пет последователни години. Со „Скудерија“, тој постави рекорди кои останаа недостижни со години.
„За мене беше неверојатно искуство што му помогнав на Михаел да ги освои сите седум шампионски титули. Тоа беше историски момент, не само за него, туку и за Формула 1. Според мене, никој не може да се мери со Шумахер“, додаде Браун.
Шумахер стана светски шампион во 1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003 и 2004 година, оставајќи траен белег во историјата на најпрестижното автомобилистичко натпреварување.
Во најновите вести поврзани со Формула 1, тимовите се подготвуваат за Големата награда на Канада, каде што главните фаворити, како Макс Верстапен и Луис Хамилтон, ќе се обидат да забележат значајна победа. Ferrari и McLaren покажуваат солидна форма оваа сезона, а според последните извештаи, италијанскиот тим подготвува подобрувања за болидот кои можат да ја зголемат нивната конкурентност во борбата за титулата.