Рокот за пријавување за попишувачи трае уште три дена, хонорарот е 600 евра

Рокот за пријавување на теренските попишувачи трае уште три дена, а сѐ поголем е интересот кај младите да се пријават и да бидат дел од статистичката операција. Отворениот повик се однесува на студенти, невработени, млади и секој оној кој во следните 30-тина дена ќе има време да се посвети на пописот и со своето знаење и посветност да им помогне на граѓаните и на државата. Сите заинтересирани може да се пријават до сабота затоа што од следната недела започнуаат тестирањата и обуката, за да можат попишувачите од 1 април да бидат спремни и да ја започнат статистичката операција, која не сме ја спровеле цели 20 години.

Попишувачите кои ќе го спроведуваат пописот на населението ќе имаат можност да заработат и над 35.000 денари хонорар за ангажманот. Тие ќе бидат на терен од 1 до 21 април, период во кој е планирано да се спроведе целата операција со евидентирање на граѓаните кои живеат на територија на Северна Македонија, а една недела претходно ќе имаат тестирање и подготовки за непречно и професионално изведување на статистичката операција, од 22 до 31 март. Што значи дека попишувачите ќе бидат активни од 22 март до 21 април за хонорар од 600 евра, сума која е примамлива за младите, студентите, невработните. До сега се пријавиле над 4.500 граѓани кои сакаат да бидат попишувачи и да дадат свој придонес во статистичката операција. Во следните три дена бројката ќе се комплетира за да може од следната недела да започнат тестирањата и обуката.

Повеќе за конкурсот на следниот линк:

https://popis2021.stat.gov.mk/konkursi/DopolnitelenKonkursZaPopisuvaci_3_mk.pdf

Оттаму, сите информации во јавноста дека пописот е загрозувач на здравјето не се точни, затоа што пописот ќе биде безбеден колку што ние самите ќе го направиме, тврдат властите и надлежните.

„Ако попишувачите се придржуваат до мерките за заштита и внимаваат на секој контакт, а граѓаните се придржуваат до препораките на Заводот за статистика и на Комисијата за заразни болести, тогаш шансите за пренесување на вирусот се сведени на нула. Ова би значело дека сите ние, вклучително и попишувачите, мораме да сме крајно вниматели и одговорни. Ако секој од нас ѝ мисли добро на државата и се грижи за својата и иднината на своето семејство, треба да учествува на пописот.

Значи, од една страна граѓаните треба да се грижат за своето здравје додека даваат податоци за пописот, процес кој нема да трае повеќе од 20 до 30 минути, и од друга да покажат дека се грижат за себе, за своите блиски, но и за државата, која од податоците на пописот ќе треба да гради политики за побезбедна и посигурна иднина на младите генерации“, велат тие.

Додаваат и дека исто така е од особена важност е дека пописот е според меѓународно утврдени правила, без можност за манипулации и искривување на податоците. Не ни требаат ниту повеќе, ниту помалку жители, нам ни е неопходна точна бројка на граѓани, како и точни податоци за сето друго, затоа што само така ќе може да се надеваме на конкретни и ефикасни државни политики за подобар живот, порачаа, во повеќе прилики, низа владини претставници.

- Реклама -