Роднини на почината (60) од Ковид-19 нападнале докторка, морале да интервенираат поголеми полициски тимови – има приведени

Поразителен инцидент попладнево се случил пред градската општа болница „8 Септември“, која е и најголем ковид-центар во државата, каде се хоспитализираат најтешките случаи. Починала 60-годишна пациентка која пет дена била на респиратор, по што поголема група роднини, машки лица, меѓу кои и двајца синови на починатата, влегле во Ургентниот центар и упатиле серија вербални закани кон докторката која била на дежурство. За едно од лицата постоеле сомневања дека е вооружено, што впрочем било пријавено и кога била повикана полицијата.

Според информациите на медиумите, расправијата започнала околу тоа дали починатата имала или немала Ковид-19. Роднините сакале и се обиделе да го подигнат телото, а кога им било објаснето дека мора да се следи протокол, почнале да се закануваат и да бараат сами да ја носат починатата на Патологија за да ѝ се направи обдукција која ќе покаже од што починала. Тоа, вели директорот на „8 Септември“ Христијан Костов, е апсолутно спротивно на протоколот и недозволиво.

Во изјава за „Слободен печат“, тој објаснува дека според протоколот, телото мора да остане во просторија во период од час и половина, по што вработени од АД Бутел, со скафандери и посебна опрема, го носат телото на патоанатомија, по претходно напишана упатница за на патоанатомски институт.

Кога роднините почнале да се закануваат, обезбедувањето повикало полиција, при што веднаш пристигнале поголеми полициски тимови, меѓу кои и униформирани полицајци и припадници на интервентната полиција. Притоа, приведени биле две лица (според некои медиуми шест лица) во Полициската станица Гази Баба со цел расчистување на настанот. Известена била и Единицата за насилен криминал, а против приведените ќе се поднесат соодветни пријави.

При интервенцијата на полицијата, кај лицата не е најдено оружје. Едно од лицата, меѓутоа, било позитивно на коронавирус, па во полициска станица е спроведено по специјален протокол.

Фото: Сител

 

Директорот на болницата тврди дека настанот не може да се нарече „инцидент“, бидејќи не е реткост:

„Имаме такви инциденти постојано. Ни ги носат в болница во многу тешка состојба, со сатурација 20, едвај дишат и не можат да земат воздух“.

Токму поради честите афектни реакции на семејствата, ГОБ „8 септември“ има договор со МВР и околу болницата често кружат и припадници на единицата (до скоро нарекувана) „Алфи“, открива Костов за „Република“.

Вели дека секогаш се стресни моментите кога некој ќе почине и дека имаат разбирање, но дека има протоколи, посебно кога станува збор за зараза, и дека не може да влегува кој каде сака и кога сака.

Инаку, по полициската интервенција, роднините ги потпишале протоколите и телото е префрлено на патологија, а болницата останала под полициски надзор.

„Од СВР Скопје велат дека во 19:00 часот лекари од Ковид центар во ГОБ 8 Септември пријавија дека од страна на неколку лица добивале сериозни закани по живот , а причина било тоа што лицето Б. Ф од скопско починала во болницата, а истата била позитивна на Ковид 19.

По излегување на лице место затекнати се лицата Б. Ш ( 32) Б.С (29) (синови на починатата) кои сакале насилно да го земат телото на починатата. Лицата се приведени во ПС Гази Баба, известени се Единицата за насилен криминал, се работи на целосно расчистување на случајот“, потврдиле од МВР за „Скопјеинфо“.

- Реклама -