Хана Будински (40) и Виктор Брнобиќ (43) се осудени на 1 и 1.5 година затвор, бидејќи пред три години одбиле да го лечат својот 10-годишен син, кому му бил дијагностициран нехоџкинов лимфом, со конвенционални начини на лечење. Детето, на крајот, починало, пренесува „Нови лист“.
Во образложението стои дека осудените, во улога на родители, грубо ги повредиле правата на своето дете, ускратувајќи му го правото на лечење и оздравување. Сепак, обвинителството не успеа недвосмислено да докаже дека со тоа родителите директно ја причиниле неговата смрт.
Хана и Виктор не верувале во конвенционалните начини на лечење, па се обиделе синот да го излечат со алтернативни методи.
На пресудата ќе се жалат и обвинителството, и одбраната. Обвинителството смета дека родителите се виновни и за самата смрт на детето, што автоматски повлекува и казна од минимум 3 години затвор. Одбраната смета дека родителите не постапувале со директна намера кон ускратување на правото на лечење, а за вакво кривично дело, сметаат, мора да постои намера.