Компанијата „Тесла“ се пофали со најновите достигнувања на својот хуманоиден робот „Оптимус“ и, како што може да се види, напредокот е импресивен.
Како што е објаснето во видеото, Оптимус сега е способен за самокалибрација на неговите раце и нозе, а згора на тоа, користејќи го неговиот „вид“ и енкодери во зглобовите, може и прецизно да ги лоцира своите екстремитети во просторот.
Така прецизно калибриран, Оптимус поефикасно учи разни задачи. Со оглед дека неговата неврална мрежа е самостојна во смисла дека се наоѓа во самиот робот и не е екстерна, Оптимус сега може, на пример, да сортира коцки по боја целосно самостојно. Не само тоа, туку и тоа го прави истовремено „справувајќи се со нашиот динамичен свет“, велат од Тесла, мислејќи на делот кога човек му ги преместува коцките а роботот успешно и во реално време се прилагодува и ги зема од новата позиција. Освен тоа, Оптимус демонстрира и самостојни корективни техники – кога коцка ќе му се преврти, ја зема и ја мести во правилната позиција. Освен да сортира, Оптимус знае и да ви растура по дома, односно да го „unsort“-ира тоа што го наредил, ако така го истренирате.
Од физички способности, Оптимус без проблем демонстрира јога пози за кои многумина би се помачиле.