Пандемијата сѐ уште не си заминала и граѓаните не треба да се опуштаат, тоа е јасно. Сингапурските власти, меѓутоа, за да се погрижат дека граѓаните ќе се однесуваат одговорно, воведоа експериментални роботски патроли.
Во сцена што на многумина им врати сеќавања од низа дистописки филмови и книги во кои машините ја добиваат битката над луѓето, вчера во паркот Bishan-Ang Mo Kio за првпат беше активиран роботот Spot – еден од „милениците“ на прочуената компанија за роботика – Boston Dynamics.
Главната задача на роботската единица ќе биде да патролира низ парковите и природните резервати под надлежност на Претпријатието за национални паркови (NParks) и да ги потсетува луѓето да држат безбедна дистанца емитувајќи однапред снимени пораки преку разглас.
Но, освен тоа, роботите Spot се опремени и со камери и сензори со чија помош ќе се проценува бројот на посетители во парковите. Според NParks, роботите нема да собираат лични податоци или да ги користат камерите за да снимаат индивидуални посетители.
Сепак, веднаш по појавата на снимката на интернет, се појавија и очекуваните коментари:
„Едно од најмopничавите и најдистописките нешта кои ги имам видено откако почна епидемијата…“, гласи еден од бројните слични коментари.
Експериментот ќе трае две недели, а ако помине без проблеми, роботската единица се очекува да биде воведена како трајно решение за часовите во кои има најголема посетеност на парковите.
Користењето на роботот ќе го намали бројот на персонал потребен за патролирање низ парковите, а воедно и го намалува ризикот од изложеност на вирусот, велат од NParks.
Роботите се управувани далечински, но вградените сензори им овозможуваат да избегнуваат cyдири со објекти и лица. Во експерименталната фаза, сепак, ќе бидат придружувани и од „водич“. За способностите на Spot, сепак, најдобро говорат демонстрациите на Boston Dynamics: