Ристевска-Јорданова: Да не се отвора Уставот пред почетокот на преговорите со ЕУ

Уставот на државава да не се отвора пред почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, порача вечерва Малинка Ристевска Јорданова – член на Управниот одбор на Институтот за европска политика (ЕПИ).

„Зошто НЕ отворање на Уставот сега, на почетокот. Затоа што Бугарија сега тоа го бара како нејзино барање кон нас и Европската унија не може да каже, значи не може да влезе во тоа за да направи преседан, не може да влезе не само од нормативни причини туку и од практично-политички причини не може да направи таков преседан и да каже ќе ги внесете Бугарите во Уставот или ние сме гарант за тоа. Значи единствен начин на кој што Бугарија може да го постигне тоа е ние самите, доброволно да си го смениме Уставот“, рече Ристевска Јорданова во „Топ тема“ на ТВ Телма.

Прочитајте и:  Мицкоски од Брисел: Ако ЕУ има желба, има и начин

Според неа, единствено доколку Бугарија се откаже од претходните позиции па се преговара за нешто ново, би можело да се разговара за некаков нов исход, а доколку не се повлечат од своите позиции, тоа значи дека тие го негираат нашиот идентитет.

Во однос на отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, Ристевска Јорданова смета дека е потребно да имаме стратегија која ќе ги брани нашите национални интереси и дека сите институции треба да седнат и да се координираат.

„Бугарските позиции остануваат исти – можеби реториката се сменила, но практично позицијата не се сменила. За секој што внимателно го следеше ова, оваа дрска политичка провокација е недостојна за две соседни земји, недостојна за две партнерски земји членки во НАТО“, оцени Ристевска Јорданова.

Извор: МИА

- Реклама -