Рим во гомна до гуша!

Кога нема што да ги исплаши, сколовранците несомнено оставаат свој печат на Рим, што е случај оваа година. Веселото јато птици секоја година долетува од Северна Европа, а она што ги примамува во Рим е топлата медитеранска клима. Сколовранците веќе долго време зимуваат во Рим, но се досега, властите успеваа да ги задржат од тоа да ја покријат античката престолнина во одвратен слој од птичји измет. Оваа година, финансиските кратења ги оставија локалните жители на милост и немилост на малите „бомбери“.

Првиот документиран престој на сколовранците во Рим датира од 1926-тата. На почеток, тие се сместувале на надворешноста на градот, но со тек на време, привлечени од топлотната радијација од зградите, тие стигнаа и до самото градско јадро. Повеќе од 1.5 милиони сколовранци во моментов се вгнездени во Рим, и оставаат делови од себе речиси насекаде.

Птиците доаѓаат во два наврата. Првиот бран е во Октомври, а следниот во Јануари. Имаат навика наутро да заминуваат од градот и да летаат до маслиновите градини во предградието. Откако ќе го поминат целиот ден во јадење маслинки Рим се претвара во сцена од „Птици“ на Хичкок – тие летаат назад кон градот и ги „украсуваат“ автомобилите, зградите, статуите и улиците. Поради тежината на изметот, еден од најзелените булевари во Рим мора да биде затворен, заради високиот ризик од несреќи, како за пешаците, така и за сообраќајот.

Во минатото, властите користеа гигантски балони налик на соколи, што ги плашеа сколовранците и ги држеа настрана, но самите балони често завршуваа на трамвајските шини. Модерните методи против сколовранците вклучуваат кастрење на дрвата и емитување на гласни крици на сокол, но откако локалните власти не можат да си го дозволат овој „одбранбен систем“, граѓаните преживуваат на старомоден начин – со отворени чадори и трчајќи кон засолниште како во Call Of Duty. Некои од нив се борат со сите расположливи средства, силно тропајќи на тави и тенџериња, метод кој единствено се покажа штетен по нивните уши.

Е па, драги читатели, уште сакате да живеете во Рим?

1 2 3 4 5

- Реклама -