На ретровизорите, кои се вградуваат веќе 100 години во автомобилите, им мина времето?! Во многу блиска иднина тие ќе бидат заменети со камери. Видео камерите стануваат задолжителни во автомобилите во САД од 2018 година.
Организацијата на производителите на автомобили во САД, во која влегуваат BMW, Chrysler, Ford, GM, Jaguar Land Rover, Mazda, Mercedes-Benz, Mitsubishi, Porsche, Toyota, Volkswagen и Volvo, побарала од Националната управа за безбедност на патниот сообраќај во САД (NHTSA) дозвола за користење на камери наместо огледала. Нивниот главен аргумент е подобрување на аеродинамиката, што ќе доведе да намалување на потрошувачката на гориво, а секако и далеку подобрата прегледност, што е важен елемент од безбедноста.
Барањето на организацијата е претставено на Министерството за транспорт на САД, кое планира наскоро да го разгледа предлогот. Ако тој биде усвоен, сите автомобилски производители во земјата задолжително ќе мора да вградуваат во своите модели камери, наместо огледала. Законот ќе стапи во сила од мај 2018 година, откако претходно ќе биде изготвен стандард за безбедност, на кој ќе треба да одговараат самите камери.
Во моментов Volkswagen користи камери наместо огледала на купето XL1, а Tesla истата технологија при прототипот Model X, чие излегување во јавноста претстои. Според шефот на Tesla Motors, Елон Маск, службениците во САД тешко ќе се одлучат за вакво решение, бидејќи едно е да монтирате камери како дополнително средство за безбедност, а сосема друго е да се потпирате исклучиво на нив. Сепак авторите на иницијативата наметнуваат и ограничувања. Главното е со камери да бидат опремени сите автомобили со тежина до 4,5 тони. Некои производители се категорични дека нема да чекаат до 2018 година. Од Honda најавија дека сите модели на брендот, како и оние на Acura, од 2015 година ќе имаат камери во базнта опрема на автомобилите.