Република Палау ја поништи својата одлука од 2009 година за признавање на Косово како независна држава, објави приштинската телевизија Клан Косово.
Еден извор рекол за телевизискиот канал дека повлекувањето на признанието од Палау дошло по дипломатски притисок од Србија и од Русија.
Во петокот српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, за медиумите во Белград соопшти дека една земја ќе го повлече признавањето на Косово, без да дообјасни подетално.
Но телевизискиот канал Клан Косово дознал дека Република Палау од западен Пацифик го повлекла признавањето.
Официјалните претставници на косовското министерство за надворешни работи го негираа ова тврдење, објави Газета експрес.
Според српските дипломати, 12 земји досега го повлекле признавањето на Косово, но косовските власти го негираа ова велејќи дека српската дипломатија и нејзините медиуми шират лажни вести.
Република Палау, држава од околу 340 острови во Тихи Океан, една од најмладите и најмали држави во светот, го призна Косово на 9 март 2009 година.